Темата околу формирањето на Анкетна комисија и надзорна расправа во Собранието околу пожарот и трагедијата во кочанската дискотека и ставот на политичките партии го коментираше и поранешниот функционер и политичар, Тито Петковски. По реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе поддржи Анкетна комисија, но проширена и со другите трагедии, Петковски ја потсетува нивната пратеничка група при „набројување на македонските трагедии, да не го испуштат убиството на Александар Македонски – кој и зошто го уби?“.
-Ќе речете апсурдна е една таква идеја,што е точно. Но, навистина,несфатливо е зошто толку кукавички бегаат од теми за кои тие и само тие треба да поднесат политичка одговорност. Трагедијата во Кочани се случила за време на мандатот на нивната влада и политичката и морална одговорност , според Уставот и сите светски закони и морални норми не може да се префрли на некој друг политички субјект или поединец.
Тоа што, за трагедијата во модуларната болница во Тетово немало Анкетна комисија е грешка на тогашната опозиција. Кривичната одговорност, зад која се обидува да се сокрие ВМРО ДПМНЕ е посебно прашање, за кое се надлежни обвинителството и судот и тука Собранието нема никаква надлежност, објави Петковски.
