Богојески: Во нормална држава, во вакви историски моменти, лидерите на власта и опозицијата ќе беа заедно

Петар Богојески, поранешниот заменик- генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, познат и како еден од иницијаторите за реформи во партијата, смета и се надева на позитивен одговор од Брисел каде уште денеска се одржува Самитот на ЕУ,  а во случај на одложен датум за почеток на препораките констатира дека немаме друга алтернатива.

-Секој позитивен исход би бил добредојден, на тоа се надевам јас како и секој нормален македонски граѓанин. Во случај на негативен исход ќе продолжиме напред кон европската идина со крупни чекори. Алтернатива не постои! – вели Богојески за Ипортал.

На прашањето дали ќе дојде до промена на актуелната владејачка гарнитура Богојески смета дека тоа во моментов е најмалку важно.

-Многу малку важно во овој момент е дали ќе опстои една или друга влада колку што е важно Македонија како држава да ги оствари своите аспирации кон ЕУ и НАТО.  Државата е пред се, партијата треба да е на втор план, а во овој случај нема никаков простор за лични интереси бидејќи за Македонија се работи.  – појаснува Богојески.

-ВМРО ДПМНЕ има потреба од целосно ресетирање, преиспитување на сите свои политики и во таа насока, ние не дејствуваме самокритички туку нудиме решенија како тоа треба да се направи. Жално е што само малкумина од редовите на партијата, заложници на минатото, тоа не го разбираат. Членовите на ВМРО ДПМНЕ немаат вина за таа работа. – констатира екс заменик генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ.

„Во нормална држава, во вакви историски моменти, лидерите на власта и опозицијата ќе беа заедно, рамо до рамо во одбрана на националните интереси! Заедно ќе патуваа и ќе се бореа во Брисел да покажат македонско национално единство по прашањето за интеграција на земјата во ЕУ! Никако немаше да се користи ваков момент за ситни политички интереси, да се ќари нешто на грбот на Татковината “ – напиша вчера Богојески на својот ФБ профил.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e