Македонија се движи по вистинскиот пат кон НАТО и ЕУ Македонија направи уште еден голем крупен чекор на патот кон НАТО и ЕУ, со што започнува да се реализира визијата Македонија да биде членка на НАТО и ЕУ.
Во Собранието на Република Македонија, пратеници со својот глас, ја докажаа својата подготвеност за европска иднина на нашата држава. Одлуката на пратеници во Собранието уште еднаш покажа дека ние сме спремни да испишиме уште една убава историја за нашата земја, да почниме да се обединуваме околу стратешките интереси, да се обединиме сите заедно за НАТО и членството во ЕУ.
Македонија изминатиот период има позитивна соработка со соседите, добива поддршка од САД и ЕУ, како и од сите пријатели кои секојдневно даваат поддршка за Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ. Лично очекувам дека мнозинството во Собранието за реформскиот процес за овие важни прашања за државата и за граѓаните ќе се зголемува, а Договорот од Преспа којшто доби зелено светло во Собранието, успешно ќе се имплементира.
Република Македонија е насочена кон продолжување на реформските процеси кои се важни за европските интеграции, како и за квалитетот на животот на граѓаните. Македонија се движи по вистинскиот пат и ќе биде дел од Европското семејство, нашиот сон и визија за подобра земја ќе се исполнат.
Македонија ќе стане дел од НАТО и ЕУ семејството.
Александар Ванев