Лионел Меси е тип на фудбалер, каков можеби никогаш повеќе нема да видиме на терените, изјави напаѓачот Антоан Гризман за неговиот соиграч во шпанскиот фудбалски клуб Барселона.
„Зборуваме за тип на фудбалер, каков можеби никогаш повеќе нема да видиме на терените. Или пак таков што се раѓа еднаш на 40 години. Сите ние имаме должност да го искористиме тоа, без разлика дали се тоа соиграчи, навивачи или тренери. Неверојатно е што тој може да стори со топката и драго ми е што имам можност да играм со него“, рече тој.
Меси е во одлична форма оваа сезона и има 13 голови и шест асистенции на 13 натпревари, а Барса е лидер во Ла Лига и се пласираше во осминафиналето во Лигата на шампиони.
Гризман исто така се претставува добро – осум гола и четири асистенции, а тој продолжува да го фали Диего Симеоне, поради фудбалерот во кој се претвори.
„Тој е многу добар и драго ми е што тимот продолжува да биде успешен. Сите во Атлетико се зад него. Тој секогаш наоѓа начин да победи бидејќи ги проучува сите детали“, додаде Гризман.