Откако долго време беше повлечен од музичката сцена, Елвир Мекиќ ја продолжува својата кариера онаму каде што застана и тоа со нова песна и спот – „Дијамант“.
Станува збор за емотивна и модерна композиција, која означува ново, зрело поглавје во неговата музичка кариера.
Текстот на песната е на самиот Елвир, додека музиката и аранжманот се дело на Јован Јованов, чиј потпис е гаранција за квалитет и современ звук.
Видеото за „Дијамант“ е снимено на Козјак, а режијата е на Кристијан Теодоров, кој со својата визија и чувство за детали, одлично ја раскажува приказната на песната.
„Се заљубив во песната уште од првиот момент кога ја слушнав. Искрено се надевам дека и публиката ќе го почувствува истото. Песната ми е особено драга, бидејќи е искрен израз на емоција и мојата љубов кон музиката“, вели Елвир.
Песната „Дијамант“, доаѓа само неколку месеци откако Елвир Мекиќ ја промовираше дуетската „Адреналин“ со Јован Јованов. Пораката е јасна – Елвир се враќа на сцената со нова енергија, автентичен звук и желба повторно да воспостави силна врска со публиката.
