Познатиот италијански тенор Андреа Бочели денеска објави дека бил позитивен на тестот за коронавирус во март и оттогаш целосно закрепнал.
Бочели пред новинарите го изјави ова пред болницата во Пиза, каде пристигна да донира крв за да го испита евентуалното плазматско лекување на лица болни од „ковид-19“, јави италијанската агенција АНСА.
Бочели (61), исто така, изјави дека неговата сопруга и двете деца биле исто така заразени со коронавирус, но никој во нивното семејство не бил сериозно болен.
Тој објасни дека поминале со симптоми на само мала треска.
Уметникот, како што рече самиот, дознал дека бил заразен со коронавирус на 10 март, а потоа се чувствувал добро, па дури и пливал во базенот тој ден.
Портпаролот на Бочели го потврди ова за Dpa, додавајќи дека славниот тенор бил тестиран за коронавирус повторно кон крајот на март, а резултатот во тоа време бил негативен.
На Велигден, на 12 април, Бочели одржа специјален концерт во празното Дуомо во Милано. Неговиот настап имаше за цел да инспирира надеж во Милано, град кој беше тешко погоден од пандемијата на коронавирусот.