Водителката Јелена Спенџарска пред 9 дена се врати од патување во Франција. Таа беше во Париз, а по враќањето е во домашна самоизолација, за да се заштити себеси, но и сите околу неа, по препораките за заштита од коронавирус во земјава и светов.
– Кога бевме во Париз, не беше толку голема паника во Франција. Уште пред да одиме од агенција дадоа зелено светло дека може да се патува, бидејќи тогаш само во Италија беше тешка ситуацијата. Во Франција се функционираше нормално, освен што секаде имаше средства за дезинфекција- раскажува Јелена за Женски Магазин.
Таа вели дека паниката настанала последниот ден, пред полетувањето за Скопје. Тогаш по социјалните мрежи почнале вестите за заразената директорка на клиниката за кожни болести и сите биле исплашени.
– Сите бевме во шок, сите бевме затекнати таму, бевме цел авион, на никој не му беше сеедно. Ни преседна и одмор и викенд, и Париз и се, тоа веќе ништо не беше важно. Едноставно сите кога слетавме бевме неми. Веднаш отвораш на Интернет, читаш што се случува, што е ново – вели Јелена.
Периодот на чекање сега и изгледа смешен, но во првите моменти трагичен- чекање, миење раце, правење генералки по дома, постојано перење- се само дел од активностите што ги повторувала. Додека е дома, излегува само на тераса на сонце, додека што ѝ треба за јадење ѝ носат до врата од соседниот маркет.