40-годишната американска пејачка Пинк открила дека нејзиниот син се чувствува подобро откако му бил дијагностициран коронавирус, но признава дека плачела и се молела со ноќи додека и двајцата се бореле со вирусот.
Во петокот, Пинк откри дека таа и нејзиниот 3-годишен син Џејмисон се позитивни на Ковид-19, откако се тестирале бидејќи имале симптоми на вирусот.
Во текот на “Instagram Live” во кој зборувала во саботата, пејачката открила дека иако таа и нејзиниот син сега се чувствуваат подобро отколку пред неколку дена, сè уште не закрепнале во целост.
“Се надевам дека се излекувавме, но ова е ролекостер. Таман кога ќе помислиш дека ти е подобро, нешто ново се случува”, објаснила таа.
Пинк истакнала дека иако и таа и нејзиниот син биле заразени, Џејмисон имал многу потешки симптоми.
“Живееме на село и мислев дека тука најопасната работа што може да нè нападне е планински лав или полен, но Џејмисон е многу болен и тоа е страшно. Ова беше првпат во последните 30 години да сум преплашена. Имав многу непроспиени ноќи и никогаш повеќе не сум се молела и плачела”, рекла Пинк.
Пејачката нагласила дека нејзиниот сопруг Кери Харт и 8-годишната ќерка Вилоу не заболеле и дека се потполно добро. Пинк открила и дека повторно се тестирала и дека повеќе нема вирус.
“Болеста е реална и многу сериозна, чувајте се!”, истакнала пејачката.