Каролина, Дуке и Исмаил одржаа пет фантастични концерти за три дена

Пет концерти за три дена! Спектакл кој можат да го доловат само најдобрите. Каролина, Дуке Бојаџиев и Исмаил Луманов предновогодишно ги почестија македонците со прекрасни концерти исполнети со многу романтика и поздаборавени музички ноти од едно потполно поразлично време.

Дека граѓаните се желни за квалитетна музика, говори и фактот што поради големата побарувачка за карта плус се одржаа дури пет концерти, а картите беа распродадени со брзина на светлината.

Овие концерти беа и промоција на нивниот нов заеднички албум насловен “Песни за љубов и копнеж”, што впрочем и најубаво ја опишува атмосферата која овие три легенди ја направика во Македонска Филхармонија изминатите три дена.

Албумот е сочинет од 11 од најубавите, подзаборавени македонски композиции од втората половина на 20иот век – која многумина ја нарекуваат и златна ера на македонската забавна музика, а се потпишани од некои од некои нашите најмаркантни автори: Драган Ѓаконовски Шпато, Димитар Масевски, Тодор Бојаџиев, Љубомир Бранѓолица…

Вчерашниот концерт, кој требаше да биде последен, започна со прекрасната “Идила”, “Не ме запирај”, “На овој ден”, “Езеро мое”, “За нас почнува живот” – омилената песна на Каролина која како што самата изјави ја потсетува на најубавите периоди од нејзиниот живот, како и многу други. За ова специјално концертно издание, освен песните од албумот беа изведени и неколку бонус песни, како што е можеби најпознатата “Еден бакнеж” на Нина Спирова со која и го завршија концертот.

Акустиката во прекрасната сала на Филхармонија допринесе уште повеќе за магичната атмосфера, моќниот глас на Каролина кој буквално ѕвонеше во ушите на присутните и нотите што галат душа. Тројцата музичари оставија дел од својата душа во овие песни и концерти, а поради тоа беа наградени со повеќеминутен громогласен аплауз и враќање на бис.

Како што истакна и самиот Дуке, овие песни сите не вратија во едно далечно и многу поубаво време каде љубовта беше топла и се твореа нежни и многу љубовни песни, полни со романтика. Албумот веќе е пуштен во продажба, а песните можете да ги слушнете и на сите музички платформи.

Поради големата заинтересираност, сепак закажани се уште два предбожиќни концерти на 3ти и 4ти јануари.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e