Младата пејачка и водителка на МТВ Јана Бурчевска наскоро ќе се породи со второто дете. Таа е во осмиот месец од бременоста очекува син, кој треба да се роди кон крајот на јули.
„Новиот мангуп во семејството ќе дојде наскоро, а ние сè уште водиме семејна дебата за името на бебето. Таткото е среќен што ќе има син, а и јас исто така“, откри Јана за „Репортер“.
Таа пред три години откри дека чека бебе додека настапуваше на Евровизија во 2017 година. Тогаш сопругот Аце ја побара за жена во живо пред неколку милиони луѓе. Но, втората бременост до сега ја држеше во тајност.
„Мојата двегодишна ќерка Дона често се чуди како тоа имам одеднаш голем стомак, ама искрено, уживам да ѝ објаснам дека во стомакот има бебе“, вели Јана.
Јана до сега ја криеше бременоста и знаеја само семејството и најблиските. Реши првпат да открие за „Репортер“ за тоа како се чувствува сега со втората бременост.
„Искрено и порано ќе се дознаеше дека чекам бебе, бидејќи секој петок ја водам ‘Плеј топ 10’ листата, ама заради пандемијата, емисијата престана да се снима, па ме нема на телевизија“, вели пејачката и водителка.
„Едноставно такви беа условите и одлучивме да го зачуваме овој момент за нас и најблиските. Со оглед на природата на мојата работа, бев подготвена и многу порано да кажам, но ете, се случи пандемија и отсуството од екраните ми даде можност да уживам во раатот, кој верувајте ми, е непроценлив“.
Вели, иако првото дете го роди на 24 години, не ѝ било тешко да се снајде како мајка, а со Дона расте и таа.
„Родителството е процес на постојано учење и доживувајќи го како такво не чувствувам потреба да ја оценувам својата снаодливост, а уште помалку да ја врзувам со мојата возраст. Грижејќи се за Дона сфатив дека, да, морам да пораснам и тежнеам кон тоа. Но, исто така сфатив дека детето во мене е она кое најмногу ми помага да ги разберам нејзините потреби“, вели Јана.