Најстарата ќерка на американскиот претседател Доналд Трамп јавно објави дека вакцината за коронавирусот ќе ја прими за време на гостување во шоуто „The View“.
Откако ководителката на шоуто најави дека нема намера да ја прими вакцината за COVID-19 сѐ додека не се увери дека ќерката на претседателот ја примила, Иванка Трамп се одзва на повикот и го прифати предизвикот.
„Драга Џој Бехар. Ќе дојдам во твоето шоу за да го направам тоа. Ѝ верувам на ФДА како што треба и сите Американци. Топ приоритет на сите треба да ни биде уништувањето на овој вирус“, напиша Иванка на Twitter.
Бехар го обвини претседателот дека со најавите дека САД ќе имаат своја вакцина сака само да добие политички поени за повторно да биде избран.
„Тој ќе направи сѐ само за да биде реизбран. Не наседнувајте на тоа. Иначе, вакцина ќе примам откако Иванка ќе ја прими“, рече Бехар во средата.
Трамп пред неколку дена најави дека американската вакцина за COVID-19 би можела да биде готова до октомври и дека ќе биде „безбедна и ефикасна“. Критичарите го нападнаа аргументирајќи дека за процесот на правење вакцина треба време, инаку не може да биде ефикасна.
Претседателот најави и дека ако треба тој прв ќе ја прими вакцината, само за да ги увери Американците дека е безбедна.