25-годишната српска актерка, Милена Радуловиќ, 8 години по пеколот низ кој поминала од страна на досега угледниот професор Мика Алексиќ, собира храброст, го надминува стравот и немоќта и открива на кој начин тој ги манипулирал децата и родителите и до ден-денес ги злоупотребува сексуално малолетните девојки во својата школа, крена револуција сакајќи да спречи нови жртви, велејќи дека не смее да се молчи ниту ден повеќе.
„Бев 6 години во школата на Мика Алексиќ. Имав 17 години кога ме силуваше. Чувствував срам. Се мразев. Но не се плашам повеќе. Чувствувам одговорност и мора да спречиме уште девојки да поминат низ пеколот кој го поминавме ние. Тоа не се случи еднаш, се повторуваше“ – Милена Радуловиќ е српска актерка со огромна храброст која го обелодени грозоморниот чин на сопственик на школа за глума, а покрај неа има уште неколку девојки кои се охрабриле и прозборуваа за неговото малтретирање кое го потиснувале со години.
Во последните 24 часа, српските медиуми и социјалните мрежи се преплаваени со, од една страна грозоморна вест за силување и малтретирање на млади девојки од страна на сопственик на школа за глумење, а од друга страна, моќна револуција на српските млади актерки кои се исправија пред предизвикот, ја „соголеа“ душата и открија каква грутка чуваат во себе од минатото.
Иако изјавата на Милена Радуловиќ крена најмногу прашина, сепак таа не е единствена која го призна ова ужасно искуство, а неколку девојки, некои од нив и сега малолетни, го пријавија во полиција случајот на силување и сексуално вознемирување од страна на Мирослав Мика Алексиќ.
Во неговата школа поминале илјадници деца во текот на речиси 4 децении, а од тие деца излегле многу познати актерски таленти меѓу кои и Милена Радуловиќ, која прва јавно проговори за пеколот низ кој поминала.
Како резултат на подолга истрага по пријавените случаи, досега угледниот професот Мика Алексиќ е уапсен, а приказната на српската актерка која храбро ја води борбата со цел да охрабри што повеќе девојки кои минале низ истиот чин, ја раздрма јавноста и крена револуција.