(ВИДЕО) Кога истекува мандатот на СЈО?

Специјалното јавно обвинителство има уште шест месеци да ги заврши истрагите и да одлучи дали ќе поднесе обвиненија за 34 предмети за кои е надлежно и по кои постапува.

До тогаш јавноста различно го толкува законот за СЈО , а политичарите се поделени дали треба или не да се продолжи неговиот мандат. ДУИ смета дека продолжување на мандатот на СЈО е цел која не може да биде предмет на преговарање. Со ист став се и Движењето Беса и Алијанса за Албанците.

Со партиски став се јавија и од Алијансата за позитивна Македонија. Во партиското соопштение што денеска беше испратено до јавноста пишува дека за да може Македонија да се врати кон евро-атланските перспективи, мора да се врати довербата во правдата преку продолжување на мандатот на СЈО. Реакција по ова прашање засега нема само од СДСМ.

Љупчо Ристовски од институтот „Интегра“ смета дека продолжувањето на мандатот на ова обвинителство ќе биде камен на сопнување помеѓу партиите кои треба да состават Влада а имаат различно мислење по ова прашање.

Со продолжување на мандатот на СЈО не се согласуваат ГРОМ и ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски денеска на формирањето на форумот на жени на партијата изјави дека не се плаши ниту од специјалното јавно обвинителство ниту од, како што рече тој „специјалките“ во него. 

Ниту САД не останаа имуни на темата. Заменик-помошникот државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт департментот, Хојт Ји во изјава за „Гласот на Америка“ на македонски јазик, рече дека партиите меѓу другото треба да стават јасно на знаење дека се определени да ги почитуваат институциите на државата, вклучувајќи ги и новите како што е Специјалното јавно обвинителство. Портпаролката на СЈО Ленче Ристоска во телефонски разговор, за ТВ 21 изјави дека обвинителството ниту го интересира, ниту ги анализира изјавите на партиите и политичарите. 

Според Законот, СЈО има пет години да ги заврши постапките пред судовите за кои веќе има поднесено обвиненија. Мандатот може да му се продолжува еднаш годишно, со одлука донесена со двотретинско мнозинство од пратениците.


Извор: ТВ 21

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e