Државните функционери не смеат во текот на работното време да вршат партиски активности, а уште помалку да ги користат јавните средства и ресурси за партиски цели, вели Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл. Според неа, имало пријавени случаи кога службените возила биле користени за партиски митинзи, а надлежните државни институции не презеле никакви мерки.
Од граѓанската асоцијација МОСТ велат дека во овие случаи има повреда на членот 365 од Кривичниот законик, чии одредби предвидуваат дури и казни со затвор од три месеци до пет години.
Од Владата велат дека преку Службата за општи и заеднички работи, на државните функционери им се дават на услуга службените возила, но за одржување и нивна поправка се одговорни самите институции на чие име гласат возилата.
„Во однос на инцидентот кој се случи на 13 ноември годинава, во близина на кумановското село Черкези, случајот не беше пријавен од никој. Во МВР немаме сознанија за повредени или материјална штета. МВР, според законските прописи не е во можност да дејствува и како резултат на ова нема да преземе никаква мерка, се додека случајот не биде пријавен“, велат од МВР.
Според снимките на ТВ 21, на собирот на ДУИ кој се одржа на 13 ноември во Куманово, три службени возила на функционерите на ДУИ се оштетени од камења кои ги фрлаа демонстрациите. Од портпаролот на ДУИ Бујар Османи, не добивме одговор на прашањето, зошто биле користени службени возила и кој ќе ја плати штетата за нивна поправка.
Извор: ТВ 21