УПОЗ: Очигледно Живко Митревски изгубил контакт со реалноста

Соопштение на УПОЗ:

Вчера некои медиуми делумно или во целост го пренесоа ставот на Синдикатот на УПОЗ објавен на неговата веб страница а во врска со барањето оставка на претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Живко Митревски. Почитувајќи го новинарското правило да биде сослушана и другата страна, некои медиуми му дадоа можност на Живко Митревски да одговори дали со ставање потпис на Меморандум со политичка партија го прекршил статутот на ССМ и дали ќе си поднесе оставка. Меѓутоа истите, претпоставуваме несвесно, наместо да пренесат конкретен одговор, му дозволија со неговата изјава Живко Митревски повторно да лаже, манипулира и да ги искривува работите одбегнувајќи конкретно да одговори. Впрочем тоа е неговиот познат стил на работа и негова специјалност.

Заради нашето членство а и пошироката јавност должни сме да појасниме некои работи кои ги искажа Живко Митревски. Наместо да даде одговор дали ќе си даде оставка, тој бара оставка од претседателот на Синдикатот на УПОЗ. Синдикатите во ССМ се самостојни и независни од работодавачите, политичките партии, државата и ССМ. Синдикатите го бираат претседателот на ССМ и во секое време тие можат да побараат оставка од него. Барањето оставка од претседателот на ССМ до претседател на било кој грански синдикат ја повредува самостојноста на синдикатите и претставува мешање во нивната работа од страна на ССМ. Впрочем, мешањето и упадите се специјалност на Живко Митревски и тој преку раководни структури направи упади во два синдикати. Се обиде да направи упад уште во два големи синдикати, но членството успеа да ги одбрани овие синдикати. Еден синдикат го исклучи од ССМ, спротивно на Статутот без одлука, односно самоволно. И тука не застанува. На мета ќе му бидат сите оние кои нема да го поддржат и ќе му се спротистават иако нема никакви статутарни можности за такво негово делување. Тој “удира” од страна, од зад грб, бидејќи е натрапник во синдикатот.

 Наредниве денови Живко Митревски очекуваме преку негови приврзаници да организира хајки против Синдикатот на УПОЗ кој легитимно и согласно Статутот на ССМ побара негова оставка.

Синдикатот на УПОЗ смета дека со потпишувањето на Меморандум со политичка партија, не само што Живко Митревски направи штета на ССМ и синдикатите во него, туку направи штета и на политичката партија, која се надеваме не била информирана дека Живко Митревски потпишува на своја рака и без одлука на ССМ.

Што се однесува до обидот Митревски да инсинуира некоја тајна средба со политички партии на Синдикатот на УПОЗ, должни сме да објасниме дека и на овие избори како и на претходните, Синдикатот на УПОЗ има намера да соработува со сите политички партии и јавно и транспарентно ќе ги презентира своите барања, по кои политичките партии може да се произнесат во врска со истите а сите членови самостојно ќе одлучат на кого ќе му веруваат и на кого ќе го дадат својот глас.

А што се однесува до пензионирање кое го заговара Живко Митревски за други, тој одамна е синдикален пензионер. Освен што шета дома и во странство, не извршува некои значајни синдикални активности и ја користи секоја прилика да каже дека благодарение на него, се донесени историски закони во корист на работниците.

Очигледно човекот изгубил контакт со реалноста.

Синдикат на УПОЗ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e