Државната изборна комисија до Основното јавно обвинителство поднела неколку кривични пријави против политичките партии СДПМ и НДМ, дознава И-Портал.
Се работи за неправилности и пропусти во поднесените листи на кандидати за пратеници на последните предвремени парламентарни избори.
Поточно, против политичката партија Народно Движење на Македонија – НДМ, заради кривично дело Фалсификување исправа од чл.378 ст.4 в.в. ст. 1 од КЗ, против Јанко Бачев како овластено лице на Народно движење на Македонија – НДМ и Злате Војноски како овластен преставник на подносителот на листа Народно движење на Македонија, за предлагање на кандидати за избор на пратеници во Собранието на Р. Македонија за изборите одржани на 11.12.2016 година, за кривично дело Фалсификување исправа според член 378 став 1 од Кривичниот законик.
Според ДИК, постојат основи на сомневање дека горенаведените поднеле лажни исправи – изјави за прифаќање на кандидатура и изјави за припадност на заедницата, употребувајки ги како вистински, така што кај вкупно 33 кандидати потписите од документите за лична идентификација – лична карта (доставени во копија) не соодејствуваат со потписите во изјавите за прифаќање на кандидатурите и со потписите во изјавите за припадност на заедница.
Против политичката партија Социјал Демократска Партија на Република Македонија – СДПМ, за кривично дело Фалсификување исправа од чл.378 ст.4 в.в. ст. 1 од КЗ, против Бранко Јаневски како овластено лице на Социјал Демократска Партија на Република Македонија – СДПМ и Тања Петровска како овластен преставник на подносителот на листа Социјал Демократска Партија на Република Македонија, за предлагање на кандидати за избор на пратеници во Собранието на Р. Македонија за изборите одржани на 11.12.2016 година, за кривично дело Фалсификување исправа според член 378 став 1 од Кривичниот законик на Р. Македонија.
И во овој случај, постојат основи на сомневање дека се доставени лажни исправи – изјави за прифаќање на кандидатура и изјави за припадност на заедницата, употребувајки ги како вистински, така што кај вкупно 27 кандидати потписите од документите за лична идентификација – лична карта (доставени во копија) не соодејствуваат со потписите во изјавите за прифаќање на кандидатурите и со потписите во изјавите за припадност на заедница.
Согласно член 65 став (5) од Изборниот Законик на Р. Македонија за секоја кандидатура е потребна писмена согласност на кандидатот за пратеник која е неотповиклива. Иста така согласно член 64 став (2) од Изборниот Законик на Р. Македонија поднесената листа на кандидати за пратеници содржи и Изјава за припадност на одредена заедница.
Неправилностите, ДИК ги констатирала по извршената проверка на кандидатските листи за избор на пратеници.
На потег е Основното јавно обвинителство.