Денеска дополнителниот заменик министер за земјоделство, Љупчо Николовски ,објави соопштение за јавност по повод вчерашниот демант на МЗШВ околу обвинувањето за тендерите од 25 милиони евра, за кои заменикот министер обвини со документи дека ги добиле „Трансмет“ и „Силекс неметали“, во сопственост на „Силекс АД“, каде што Михаил Цветков во исто време бил член на одборот на директори и министер.
“Свесно или не, со својот демант МЗШВ потврди дека незаконски распишале оглас на 12.12.2015 година, без да биде обезбедено одобрение од Владата
МЗШВ потврдија дека не го почитувале Законот за јавни набавки, член 26-а, став 2 каде изречно пишува дека е потребно одобрение од Влада, а не одобрен повеќегодишен акционен план на Владата.
На одржаната прес конференција, јасно и прецизно нагласивме дека се работи за незаконска постапка за изградба на брана Речани на Оризарска река – општина Кочани, а не како што стои во демантот на МЗШВ за изградба на пристапен пат до Оризарска река.
Затоа уште еднаш прашуваме, зошто е објавен тендер, без да биде обезбедено одобрението од Владата?
Зошто е постапено спротивно на член 26-а, став 2 од Законот за јавни набавки, во кој јасно се нагласува дека постапката за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка, започнува врз основа на одобрение кое го издава Владата на РМ?
Молчењето, неодговарањето на поставените прашања, криењето на фактите и вистината нема да ги спаси од одговорност.
Наближува денот кога секој што работел спротивно на законот ќе одговара”, се вели во соопштението на Николовски.