Јонуз: Албанците секако ќе одиграат клучна улога доколку дојде во прашање кој ќе биде Премиер

Политичкиот аналитичар Агим Јонуз смета дека претстојниот период, во пресрет на предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 12- април 2020-та година, не очекува највалканата кампања досега. Калеидоскопот на пораки ќе биде базиран со дополнителни теми покрај филмот ‘‘ некој ја брани земјата а некој ја растура‘‘.  – вели Јонуз во интервју за Ипортал.

Тој потенцира дека и овојпат, како што и досега било пракса, Албанците повторно секако ќе одиграат клучна улога доколку дојде во прашање кој ќе биде Премиер.

Јонуз го појасни и својот став за ризикот од нови меѓуетнички конфликти како последица на нагласениот национализам, а зборуваше и за актуелното прашање заЗаконот за употреба на јазиците во земјава.

Се уште „врие“ во општетството по негативната одука од Брисел за датумот за почеток на преговорите со ЕУ. Според Вас, што беше причина за ваквиот став, пред се на Макрон, поради кој останавме извисени? Дали ги исполнивме сите услови кои беа потребни да добиеме датум? Што понатаму?

Ако бидеме доволно само критични, условите ниту ги исполнуваме во потполност, ниту пак постои некаква ‘‘затвореност на прашања‘‘ на кои сме одговориле како завршена задача. Но, тоа не е толку битно ако се земе предвид дека и други држави од Балканот поминале праг во кој ЕУ гледала со ‘‘подзамижани очи‘‘. ЕУ има внатрешни проблеми за кои народот не е доволно ниту информиран ниту едуциран како таа функционира внатре. Лично сметам дека Макрон само ја доби задачата да биде кочничар и да ја заокружи хипокритичната приказна за ‘‘ вие сте добри, ама има време‘‘. Сепак сметам дека императивот да добиеме датум заедно со Албанија имаше своја тежина и дека во еден мал степен земено двете држави заедно влијаеше на конечната одлука. Бездруго, ако се прашаме што понатаму, единствениот пат кој сакале или не мора да го изодиме е следење на правецот, трпение и регулирање на внатрешниот хаос во кој се наоѓа државата.

74930987_426404391407399_5998827482847903744_n

Како ја оценувате одлуката на премиерот Зоран Заев за предвремени парламентарни избори?

Тоа е единствениот модел да се задржи и дефокусира јавноста од неуспехот да се средат внатрешните проблеми и да се расчисти криминалот до крај. Ако земеме во предвид дека секако догодина ке има избори, неколку месеци не менуваат ништо. Политичарите ќе фрлат ново светло на случувањата со самиот податок дека е предизборие и ќе ја кријат својата слабост во не решавањето на горливите внарешни прашања. Ќе се купи пола година, така да сево ова е добро смислен ‘‘ план Б‘‘ во кој на крај сите би требало да заокружат ‘‘невиност пред народот‘‘ дека не биле виновни и дека политичките опоненти се виновници за се.

Што не очекува во предизборието? Дали политичката сцена повторно ќе биде место за раздор на двете најголеми политички партии во земјава?

Лично сметам дека ова ќе биде највалканата кампања до сега. Калеидоскопот на пораки ќе биде базиран со дополнителни теми покрај филмот ‘‘ некој ја брани земјата а некој ја растура‘‘. Покрај национал – романтистичките елементи, лично сметам дека ќе бидеме сведоци на откривање на многу скандали кои се чуваат како адут за обезвреднување на кредибилитетот на релација ‘‘два султаната‘‘. Се останато како техника ќе биде ‘‘ веќе видено‘‘. И двата политички гиганта ќе одат на избори со сета сила ако се земе во предвид дека ако сега изгубат ќе мораат да претрпат тектонски промени внатрепартиски а со тоа ќе се изгуби се она што до сега е вложено. Влогот е преголем.

Кој според Вас ќе ја формира следната Влада на Р.С, Македонија?

Спремен сум да се опкладам дека однапред се знае дека тоа ќе биде една широка коалиција, но прашањето е кој колку министерства ќе добие. Причината е едноставна, а тоа е податокот дека за ‘‘внатрешен мир‘‘ ќе мора да се еквилибрира политичкиот амбиент кој ќе рефлектира ‘‘задоволна улица‘‘. Тоа подразбира дека ситуацијата ќе се амортизира и ќе елиминира незадоволство на огромен број гласачи од двете страни. Албанците секако ќе одиграат повторно клучна улога доколку дојде во прашање кој ќе биде Премиер, ако се земе во предвид дека и до сега тоа било пракса. Не смееме да бидеме неискрени и да не признаеме дека секако и меѓународната заедница ќе биде фактор ‘‘ што дава конструктивно мислење‘‘. Се друго е приказна за мали деца.

75294194_626094071128628_467335528916713472_n

Премиерот Заев рече дека се плаши од враќање на национализмот. Како ги оценувате изминатите две години по тоа прашање, дали беше нормализирано прашањето на мирна и хармонична меѓуетничка атмосфера во земјава? Постои ли ризик со враќањето на власт на сега опозициската ВМРО ДПМНЕ да се вратат и тензиите меѓу Македонците и Албанците, по автобуси, училишта, во местата со мешан етнички состав…како што посочи Заев?

За жал сметам дека тоа ќе биде едно од главните лајт мотиви. Не затоа што ситуацијата реално е доведена во опасност или ќе биде, туку тоа е најкомерционалното пропагандно оружје кое својата функција ја оправдува за политички цели. Единствената трагедија ќе биде токму таа колатерална штета по автобуси, училишта, во местата со мешан етнички состав. Тоа е трагедија која е веќе видена, а тоа е инструментализација на национал-романтизмот во својата најбрутална форма. Тој примитивистички адитив на секоја кампања е единственото за што се фаќаат малите партии од сите страни. За жал, во тоа се вмешуваат и инструментализираат најмладите, несвесни за последиците.

Што очекувате од Законот за употреба на јазиците? Каква е јавната свест за корисноста/штетата од овој закон во насока на почитување на правата на сите граѓани на државата?

Мултикултурата подразбира практикување на истата. Колку е, каква ќе биде праксата ќе покаже времето. Секако не очекувам дека тоа ќе се заташка и ќе се стави ‘‘ под тепих’’ ако се земе во предвид дека ќе задира како модел во круцијални елементи како војска, пари, полиција, здравство,… но! Што инаку ќе работат политичарите наредниот период ? Па нели треба да си ја заработат платата?! Шегата на страна, тој ‘‘жежок камен‘‘ ќе биде ре-актуелизиран во даден момент за да се дефокусира се останато. Криминал, корупција, непотизам, гладен и очаен народ. Прашање е само кога и за какви потреби ќе се актуелизира. Не се сомневам дека и во предизборието ќе биде употребено. Политика – и се е можно. Не треба ‘‘ Скопско‘‘!

Х.С.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e