Француското Собрание неделава треба да го ратификува Протоколот за НАТО

Националното Собрание на Франција в четврток ќе расправа за Предлог-законот за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Долниот дом на францускиот Парламент се очекува по расправата да го ратификува Протоколот, откако претходно на 17 октомври тоа го стори Сенатот.

По француската ратификација ќе отане уште тоа да го стори Парламентот на Шпанија, кој се уште не е конституиран, со оглед на тоа што таму на 10 ноември се одржаа избори.

Во образложението на предлогот, дадено од француското Министерство за Европа и надворешни работи, се наведува дека пристапувањето на Северна Македонија во НАТО „ќе ја зајакне безбедноста на регионот и на Алијансата во целина“.

-Франција ќе остане особено будна во однос на клучните принципи на процесот на проширување на НАТО, а тоа се проценка на индивидуалните постигнувања на земјите кандидати и нивниот придонес за безбедноста на евроатланстката област, се додава во образложението.

Очекувањата беа дека Протоколот ќе биде ратификуван од сите 29 држави членки до Самитот на Алијансата закажан за 3 и 4 декември во Лондон, но во Шпанија на 10 ноември се одржаа избори, а таму според процедурите новиот состав на Парламентот би се конституирал на 3 декември.
Премиерот Зоран Заев завчера од партиската трибина „На прав пат“, на СДСМ во Велес порача дека земјава ќе стане членка на НАТО до крајот на јануари.
Тој рече дека разговарал со шпанскиот премиер Педро Санчес, кој му кажал дека брзо ќе формира влада по вонредните парламентарни избори на 10 ноември.
-Вчера имав прилика да зборувам со шпанскиот премиер. Шпанија бргу ќе формира Влада. Ќе имаме ратификација за НАТО која ја очекуваме. На крајот на ноември Франција исто така ќе го ратификува во парламентот, оти веќе Сенатот заврши. Така сите земји ќе ги ратификуваат протоколите. Верувам дека во јануари, на свечен начин, македонскиот парламент ќе ја направи последната ратификација, како 30. земја-членка. Со тоа ќе станеме земја-членка на НАТО“, истакна Заев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e