Со првиот јавен повик имавме сериозен предизвик. Реакцијата на јавноста беше сосема оправдана во контекст на исклучителното ниско ниво на довербата, вели во интервју за Стандард директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски.
Тој вели дека нема да дозволи да се нарушува на интересите на македонската економија на сметка на политички амбиции и агенди.Деспотовски зборува и за планираните јавни повици, но и за како што вели, придобивките од фирмите кои добиле грант од ФИТР.
„Предизвикот беше повеќе од аспект на реакцијата на јавноста, што беше сосема оправдана во еден друг контекст. Исклучително ниското ниво на доверба кон јавните институции и процеси, што дојде како последица на начинот на практикување на власт во предходните 12 години, па можеби и повеќе. И тогаш, Фондот, иако целосно поддржан од Светската Банка, со комплетно разработен систем на оценување на предлог проекти, поставен уште во 2015г. (иако неискористен до 2017), што се потпира исклучиво на странски експерти стана фокус на сериозна критика. Но, ние не се повлековме пред критиката, туку се обидовме да ја разбереме и да иницираме акција на начин што вистински ќе одговори на загриженоста на јавноста. Резултат на тоа беше нов елемент за задолжително декларирање на поврзаност на апликантите со носител на јавна функција. За оние што декларираат се прави посебна проценка на ризик. Во целиот процес на воведување на оваа новина соработуваме со граѓанскиот сектор, конкретно со Transparency International Македонија. Нема да дозволиме да се наштетува на интересите на македонската економија на сметка на политички амбиции и агенди. За прв пат имаме состојба на целосна изедначеност на домашните и странските инвеститори. За прв пат во овие 24 месеци имаме програма што го поддржува развојот на македонските компании“, вели Деспотовски.
На прашањето колку од оние проекти кои ФИТР ги поддржа откако тој е на чело на Фондот сега можеме да се наречат „успешна приказна во С.Македонија“, директорот на ФИТР вели, „Успешната приказна е прво Северна Македонија“.
„Направивме скок од 25 места на глобалниот иновациски индекс. Дел од младите луѓе веќе гледаат партнер во државата во реализација на својот бизнис. Над 100 старт ап компании веќе користат поддршка од Фондот. Имаме највисоки признанија за дизајн на глобален натпревар во Германија за компанијата Фејдом. Компанијата Венито Комерц од Кавадарци разви велосипед за прочистување на воздух, за кој неодамна добија признание за најдобар пронајдок на меѓународен саем во Јужна Кореа. Дел од проектите веќе имаат сериозни глобални клиенти, на пример во делот на авиоиндустријата. Компанијата Преплет работи на уникатни дизајнерски производи за лица со оштетен вид, што е актуелен глобален тренд. Компанијата АСП Пак од Охрид работи на унапредување на машини од познат светски производител, преку зголемување на нивната продуктивност неколкукратно. Алкалоид работи на нов лек против болка. Има навистина и многу други“, вели тој.
Целото интервју прочитајте го на Стандард.