Денеска уверенијата за пратениците, седницата можна на 31 Декември

Државната изборна комисија денеска до Собранието треба да го достави извештајот за конечните резултати од предвремените парламентарни избори одржани на 11 декември.

Како што е најавено денеска партиите и коалициите ќе ги добијат и уверенијата на новите пратеници.

Исто така денеска треба да се одреди и датумот за конституирањето на новиот состав на парламентот. Засега нема информација дали на истата седница ќе бидат избрани претседател и заменици претседатели на Собранието или само ќе бидат верифицирани мандатите на пратениците. Претседателот на собранието од предходната Влада, Трајко Вељановски, согласно законот треба да ја свика седницата најдоцна 20 дена од оддржувањето на изборите што би било на 31 Декември. Доколку одбие да го направи тоа, седницата треба да ја свика пратеникот кој е најстар од редовите на пратениците веќе следниот ден, а доколку и тој одбие тогаш наредниот по возраст пратеник и се така додека некој не го свика собранието.

По денешното поднесување на извештајот за завршувањето на изборите, завршува и мандатот на министрите и дополнителните заменици на министрите што беа назначени како дел од договорот од Пржино. Тоа значи дека од денеска Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Оливер Андонов како дополнителен заменик-министер, Фросина Ременски, министерка за труд и социјала, дополнителниот заменик-министер Диме Спасов, Љупчо Николовски во Министерство за земјоделство и Александар Кирацовски во Министерство за администрација и информатичко општество веќе нема да бидат на функциите.

На нивно место треба да дојдат регуларните заменици на министрите – во МВР Агим Нухиу, а во труд и социјала Ибрахим Ибрахим, со ограничени овластувања.

Десет дена по конституирањето на Собранието, претседателот на Република Македонија е должен да го довери мандатот за состав на нова влада на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот пак во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на владата.

Собранието ја избира владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e