За безбедносно следење на комуникации од социјални мрежи, потребна е опрема и широка јавна дебата

Безбедносните служби во моментов легално не можат да ги следат комуникациите на алатки и мрежи како Вацап, Вибер, Фејсбук и слично, но потребна е и широка дебата во јавноста за како ова ќе се применува, а со цел да не се нарушат човековите права.

Во вечерашната дебата на „360 степени“ на тема безбедносните реформи по масовниот скандал со прислушувањето, поранешниот премиер и пратеник, член на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев, и актуелната пратеничка од СДСМ и поранешна шефица на кабинет во МВР, Славјанка Петровска ги изнесоа своите видувања и по однос на оваа дилема.

Димитриев вели дека државата треба што поскоро да набави опрема за да може сите системи за комуникација да ги контролира од аспект на својата надлежност.

„Но, не само за тие, сега се очекува за многу скоро време да излезе нов систем на комуницирање, 5Г и други системи кои секоја земја мора да ги следи и соодветно да ги надградува системите на службите затоа што ако тие не бидат соодветни на она што е реалност во моментот, тие нема да можат да ја вршат својата законска надлежност“,вели Димитриев.
Тој додава дека Оперативно-техничката агенција треба да биде обезбедена и со соодветен буџет, за да може да го покрие и ова, бидејќи сегашниот буџет не го гарантира и ова.

Петровска пак, вели дека ова е предвидено и во Законот за следење на комуникациите и во Законот за Агенцијата за национална безбедност.

„Заради целосно и ефикасно вршење на своите надлежности апсолутно на нашите безбедносни служби им е потребна ваква опрема, која секаде во светот се користи и ние веројатно заради сето она што се случуваше малку каскаме во тој дел. Мислам дека треба да отвориме прво дебата во јавноста, за да бидеме искрени, станува збор алатки со кои практично се става на увид многу поголем обем на податоци, како и од аспект на заштита на човекови права“,вели Петровска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e