Денеска и во следните три дена, 17., 18. и 19. јуни трае првиот рок за упис на средношколци во средното-стручно училиште на Град Скопје „Марија –Кири Склодовска“ во општина Аеродром за претстојната учебна 2020/21 година.
За тоа кои услови и образовни профили ги нуди ги нуди ова училиште со петдецениско искуство, како и за принципите на работа, но и предностите на стручното образование поразговаравме со Дарко Спасев, актуелен помошник директор и поранешен ученик од ова училиште.
Вашето средно стручно училиште нуди голем избор на образовни профили. Каква е досегашната пракса – за кои од нив има најголем интерес од младите луѓе? Колку вкупно ученици имавте изминатата учебна година, со колкав кадар располагате?
Спасев: Досегашната пракса, особено последните четири учебни години можам да кажам има тенденција за зголемување на бројот на ученици. Можам да посочам дека во прва година за настава на македонски наставен јазик во учебната 2016/2017 година запишани се вкупно 68 ученици, во учебната 2017/2018 година запишани се 162 ученици, во учебната 2018/2019 година запишани се 183 ученици и во учебната 2019/2020 година запишани се 230 ученици. Во последните неколку години најголем интерес има во здравствената струка, поточно во фармацевтскиот техничар и медицински лабораториско – санитарниот техничар. Во учебната 2019/2020 година, на ниво на училиште за настава на македонски наставен јазик има 647 ученици во 31 паралелка. За паралелките на македонски наставен јазик, училиштето располага со 60 наставници, стручни соработници и раководна служба кои несебично се залагаат за работа со учениците.
Изборот за средно образование е предизвик за секој полуматурант, но и за родителите. Дури се почесто се организираат кариерни советувања со цел младите луѓе да го направат вистинскиот избор со цел соодветно да го продолжат високото образование и се разбира во иднина да придонесуваат за општеството. Според Вас стручните профили за кого се најсоодветни? Дали гарантираат поволна позиционираност на пазарот на труд конкретно во нашето општество?
Спасев: Да, со особено задоволство можам да кажам дека стручните профили коишто ги има нашето училиште се соодветни за пазарот на трудот во нашето општество. Давам осврт на хемиско – технолошка струка, односно образовните профили хемиски – лабораториски техничар, техничар за козметички и хемиски производи и техничар за заштита на животната средина. Со завршувањето на своето четиригодишно образование, ученици ќе се стекнат со следните квалификации: контролор на отпад и отпадни материи; контролор на емисија на гасови од стационирани извори; хемиски – процесен оператор; оператор на хемиски анализи; контролор на квалитет на вода, производи и материјали; оператор во органско – полимерната индустрија, козметичката индустрија, неорганската и детергентската индустрија; ракувач со машини на амбалажирање, полнење и етикетирање; оператор на микробиолошките и санитарните анализи. Исто така и техничарот за очна оптика од струката лични услуги. Со завршувањето на образованието, ученици се здобиваат со квалификација за оптичари и може веднаш да започнат сопствен бизнис. Овие образовни профили се единствени во Градот Скопје, а истите ги има во многу мал број училишта и на територија на цела држава.
Со новите наставни програми во кои се опфатени овие образовни профили кои се изготвени во рамките на Проектот за развој на вештини и поддршка на иновации (СКИЛС проектот), како и согласно Концепцијата за модернизација на техничкото образование, учениците во трета и четврта година практичната обука ќе ја изведуваат кај одредени работодавачи и истата ќе биде платена од страна на државата. Со успешно завршувањето на практичната обука, постои можност и работодавачот да ги вработи истите ученици. Новитет во наставните планови е тоа што започнувајќи од прва година, учениците за време на летниот одмор ќе посетуваат феријална пракса кај работодавачи и ќе се стекнат со дополнителни знаења и вештини.
Дали според Вас само со средно стручно образование учениците во иднина ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот, со оглед дека со години бевме на дното според стапката на навработеност? А, од друга страна имаме хиперпродукција на висококвалификуван кадар?
Спасев: Да, искрено сметам со завршувањето на средното стручно образование, учениците ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот од причина што овие образовни профили се ретки, а се барани.
Како тече стручната настава во Вашето училиште од аспект на техничко засилување и опремување на училиштата со опрема што е неопходна за изведување на наставата, обуки за наставниот кадар со цел да се следат современите трендови во струката, релациите со институциите и бизнис – секторот, практичната настава, која нема да се сведе на формалност?
Спасев: Нашето училиште во оваа учебна година бележи педесет годишнина од постоењето. Располагаме со осум современи училишни лаборатории опремени со апарати, инструменти, лабораториски прибор и хемикалии за индивидуално изведување на лабораториските вежби и практичната настава. Исто така, училиштето има оптичка работилница, реална училишна компанија и кабинет по информатика со најсовремена опрема. Наставниот кадар и стручните соработници перманентно се усовршуваат. Посетуваат голем број обуки, организирани од училиштето, како и од локалната заедница, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука и Министерството за образование и наука. Како раководен кадар, кој раководи со паралелките на македонски наставен јазик во целост се грижам и ги поттикнувам наставници за реализација на наставата преку современи стратегии, методски пристапи и дигитални образовни технологии со секојдневно користење на е – содржини, како и за квалитетното изведување на практичната настава. Од наша страна како училиште во 2017 и 2018 година, со блок дотациите од основачот (Град Скопје), како и од сопствените приходи опремени се сите училници со ЛЦД проектор за непречено одвивање на ИКТ во наставата.
Според едно истражување „Секоја трета одлука за образование за идната професија е под влијание на родителите“. Каков е Вашиот став за ова? Дали учениците на свои 13/14 години се веќе зрели сами да донесуваат одлуки или сепак се под влијание на родителите? Која е Вашата порака до нив?
Спасев: И јас го мислам истото. Малолетните ученици имаат многу голем притисок во изборот на своето образование. Мислам дека родителите сметаат дека нивните деца не се доволно зрели да донесат соодветна одлука. Тоа е голема грешка. Некогаш поради притисокот на родителите, учениците се обврзани да се запишат во училиште и во образовен профил што не го сакаат, па потоа тоа резултира на отпор кон учењето. Во претходните учебни години сме имале такви ученици, каде што поради желбата на родителите, учениците не сакале да одат во училиште, не сакале да учат по одредени предмети и слично. Тука морам да ја пофалам стручната служба која несебично се вложи за разрешување на овие проблеми.
И за крај ќе ја испратам оваа порака до идните ученици: Дојдете и запишете се во ова училиште, нема да погрешите. Образованието е темел на една држава. Најхуманата мисија што секој еден од нас ја има како просветен работник е моделирање на личностите кај младите, кај нашите поколенија. Нема неуспешни ученици, постојат само неуспешни наставници кои не се вложиле себеси за да постигнат резултати. Ви ветуваме дека како и во досегашното пет децениско искуство на училиштето ќе дадеме поддршка во реализирањето на потенцијалите на идните ученици и заеднички ќе се гордееме на успесите. Ќе обезбедиме средина и услови за идните средношколци, кои ќе истражуваат, ќе експериментираат, ќе пронаоѓаат… „Направете го најдобриот избор за Вас – Бидете и вие Кири“.