Младата кривопаланчанка Клаудија Стоевска е уште еден доказ дека хуманоста се покажува на дело, кога тоа силно се сака. На 23. мај кога го слави својот 24. роденден наместо да прима подароци, реши прославата да ја земени со хуманитарна акција и да биде таа кога ќе подарува.
Роденденската еуфорија ја земени со теренски активности каде на неколкумина свои сограѓани, на кои им е неопходна помош, им подари подароци. За целосен ефект подароците се спакувани во украсна хартија и имаат панделки, а од споделените фотографии може да се види дека примателите на подароци се навистина среќни од хуманиот гест и исполнетите желби.
Стоевска е дипломиран градежен инженер, а во моментот е на магистерски студии на истиот факултет. Хуманоста, како што вели, отсекогаш и била хоби.
„Ова не е мојата прва хуманитарна акција. Ова е првата акција што јавно ја објавив со сосема поинаква цел од рекламна. Јас одсекогаш донирав кога бев во можност: облека, храна, финансиски средства, колку можев… Долго време се мислев како да поттикнам и други луѓе да го прават тоа и дојдов до една идеја да направам самоиницијативна хуманитарна организација преку која ќе можат да се вклучат повеќе луѓе и така да инспирираме се повеќе! Не случајно и ставив име ХУМАНИЈА со порака во името: ХуманИЈас. Го спремав првиот хуманитарен настан поткрепен под Хуманија меѓутоа нееочекуваната ситуација со коронавирусот само ни го одложи. И оваа роденденска акција ја мислам подолго време и решив овој роденден ќе го направам тоа, едноставно за хуманост нема што да се чека! “ – вели младата кривопаланчанка.
За својот роденден вели дека е благослов за уште една година.
„Роденден е денот што го чекаме, најмногу од се, најмногу од се 🎼. За мене роденденот е еден благослов со кој добивам на дар уште една година. Ги обожавам родендените и своите и на семејството и на пријателите. Вообичаено прославувам во кругот на најблиските и секако, торта мора да има!“ – вели Клаудија.
„Јас сакав да израдувам цело семејство. Едноставно нешто скромно да има за сите. Па така, очекував дека ќе сретнам мали дечиња и затоа подготвив за нив друштвени игри и едукативен материјал на кои ќе си израдуваат. И им ветив дека ќе се вратам пак нареден пат, со нови игри и да играме заедно!“ – порача Стоевска.
Стоевска ја искористи приликата да ги повика сите хумани граѓани да го следат нејзиниот пример.
„Ќе искористам прилика да напоменам дека сум голем противник на сликање и споделување при донирање и помагање, затоа што сметам дека хуманоста треба да е тивка, без камери, а многу успешна. Сега го направив спротивното затоа што едноставно ми требаше да поттикнам многу луѓе кои не би сетиле и да им дадам мотивација на сите!“ – вели хуманата девојка.
„Да си човек не треба многу! Всушност, не треба ништо, не чини ништо… Чини едно срце полно љубов. Хуманоста никако не смее да се истоветува со материјална помош, затоа што некогаш е доволно да му се насмееш на човек и да му го поправиш денот. Тоа е човечноста, ја има во многу облици и дела. Секогаш велам дека хуманоста е најголемата религија во светот и тоа е нешто што го носиш во душата. Сакам да Ви порачам дека не‘ има многу..Многу сме луѓе, а ретко кој е човек. И погодете што? Се уште имаме време да го промениме тоа. 🙂“ – вака Стоевска ја испрати својата моќна порака за хуманост која се надеваме дека ќе допре до многу луѓе.