Димковски во посета на Росоман каде се одвива откупот на праски

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Зоран Шапуриќ и градоначалникот на Општина Росоман, Бранко Јанев беа во посета на откупните пунктови на праски во Росоман.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) соопштија дека овој регион важи за најголем производител на праски во нашата држава, а во моментов во тек е откупот на росоманските праски кои оваа година, благодарение на поволните климатски услови, постигнаа висок квалитет, што придонесе тие годинава да достигнат повисока откупна цена и се откупуваат за 28 до 30 денари по килограм.

Најголем дел од праските, како што се посочува, се извезуваат на европските пазари, дел оди во поранешните југословенски републики и дел останува за домашниот пазар.

Сите откупни центри се отворени, полни со росоманска праска и откупот се одвива непречено. Сите учесници во процесот на откупување на праски, максимално ги почитуваат препораките на Владата, а доказ за тоа е посебната организација на работниот простор во откупните магацини, каде сите вработени се на соодветно растојание и целокупниот процес е приспособен на новите услови предизвикани од Ковид – 19. И покрај глобалната криза, праските постигнаа висока откупна цена, земјоделците се задоволни и откупот на сите пунктови се одвива со добра динамика и без никакви проблеми, потенцираат од Министерството.

Министерот Димковски им порача на откупувачите и производителите на праски дека треба постојано да бидат во добра комуникација, да нема манипулации со откупната цена и дека само така ќе остварат добри партнерски односи кои носат успех и резултати за сите учесници во процесот на производство и откуп.

Исто така, во текот на денешниот ден, како што се наведува, министерот Димковски го посети и Трстеник, регион, што неодамна беше погоден од временска непогода-град и беше нанесена штета на овошните и лозови насади.

И покрај тоа што штетите се на мали површини, Владатата преку локалната самоуправа формираше комисии кои се веќе на терен и ги лоцираат и утврдуваат истите и врз основа на тоа ќе бидат исплатени штетите на индивидуалните сопственици, од страна на владината комисија за штети. Владата и МЗШВ се во постојана комуникација со земјоделците и секогаш будно се следи состојбата на терен, се со цел заеднички да се надминат сите проблеми, особено во целиов изминат период кој го обележа корона кризата која предизвика нарушување на пазарот на земјоделски производи и кој заеднички успеавме успешно да го менаџираме, стои во соопштението од МЗШВ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e