Мистериозен хеликоптерски напад во Каракас

Мистериозен хеликоптерски напад во Венецуела предизвика голема бура во земјата. Претседателот Мадуро изјави дека полициски хеликоптер исфрлил гранати врз Врховниот суд. Тоа за Мадуро е „обид за пуч“, пишува Дојче Веле.

Претседателот на Венецуела Николас Мадуро на државната телевизија изјави дека од хеликоптер биле исфрлени две гранати врз Врховниот суд. Од нив една не експлодирала. Во близина на судот се наоѓа претседателската палата. Мадуро оцени дека се работи за „терористички обид за пуч“.
Хеликоптерот наводно бил грабнат и искористен за напад од страна на дисиденти. „Ова е насочено против тиранијата“, изјави осомничениот пилот на хеликоптерот Оскар Перез во манифест кој го објавија противниците на Мадуро. Претседателот соопшти дека ги активирал сите безбедносни сили „за да се одбрани мирот“. Порано или подоцна хеликоптерот ќе биде запленет и ќе бидат затворени оние кои се одговорни за терористичкиот напад, рече Мадуро. Дописникот на ДВ од Каракас потврди дека имало хеликоптерски напад и дека се слушале истрели.

Мадуро обвинува за пуч и најавува борба за „одбрана на мирот“
Неколку часа претходно претседателот на Венецуела, кој е под жесток притисок, се закани со вооружена борба за одбрана на својот социјалистички проект. „Ако Венецуела потоне во хаос и насилство и биде уништена Боливарската револуција, ние ќе тргнеме во борба“, изјави Мадуро, проследен со извици на одобрување од страна на приврзаниците. Во однос на уставната реформа со која би требало да се зајакне неговата политичка улога, Мадуро нагласи: „Ако не успееме со гласање, тогаш со оружје.“

Во речиси секојдневните безредија и протести во земјата со најголеми нафтени резерви на светот, од април досега загинаа 77 лица. Мадуро за 30 јули планира гласање за свикување Уставно собрание, но против неговиот план има жестоки протести. Мадуро со уставната реформа сака да се справи со драматичната политичка и економска криза во земјата. Опозицијата пак стравува дека со свикувањето Уставно собрание земјата дефинитивно ќе зачекори кон диктатура. Мадуро тврди дека опозицијата заедно со САД работи на пуч во Венецуела. Опозицијата се бори за симнување на Мадуро од власт. Таа го обвинува претседателот за драматично лошата економска состојба во земјата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e