Средба меѓу министерот Николовски и амбасадорот Жбогар: Договорена е соработка за развој на земјоделството

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски попладнево имаше работен состанок со амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар.

Николовски изрази задоволство од посетата на високиот гостин, особено поради тоа што Македонија има голема поддршка од ЕУ, што очекува да биде случај и во иднина, како на политички план за државата во целина, така и кога е во прашање македонското земјоделство.

-Ќе работиме за иднината на граѓаните и веруваме дека ќе имаме успех, секако со очекуваната поддршка од Ваша страна, – рече Николовски.

ljupcho_zbogar

Амасадорот на ЕУ му го честиташе на Николовски изборот за министер за земјоделство во новата Влада на Република Македонија и изрази задоволство од видениот ентузијазам во државата, како и од оптимизмот кој, како што рече, е присутен во Брисел околу иднината на Македонија.

-Како што кажавте имаме голема соработка, која очекуваме да биде уште повеќе продлабочена во иднина. Тоа, секако е случај и во земјоделството каде што имаме многу проекти, за чија успешност ни е потребна соработка и поддршка од министерството за земјоделство. Конкретно, за тековните проекти за консолидација на земјоделското земјиште и интегрираниот систем за административна контрола и идните планирани проекти: поддршка за земјоделски задруги и поддршка за реформите во водостопанството. Освен тековните, Ви стоиме на располагање и за друг вид помош која што вам ќе ви биде потребна во претстојниот период, – истакна Жбогар.

ljupcho_zbogar_2

Тој, исто така понуди во претстојниот период техничка помош за анализа на субвенциите и за реструктурирање на министерството, а укажа и на потребата од преземање чекори за поголема искористеност на ИПАРД средствата.

Министерот Николовски се согласи дека искористеноста на ИПАРД фондовите е слаба, за што побара и помош од ЕУ кога е во прашање надминувањето на овој проблем, што претставува еден од приоритетите на Владата.

-Покрај тоа, за развој на земјоделството планираме годишни субвенции од 160 милиони евра, а деновиве имав и директни средби со земјоделците и нивните здруженија, на кои се говореше за проблемите со кои се соочуваат. Ние сме свесни за тие проблеми и работиме на нивно системско решавање, – информираше Николовски.

ljupcho_zbogar 1

На крајот од состанокот соговорниците се договорија за тесна соработка и редовни средби во иднина, од кои првата ќе биде веќе наредната недела, а на кои што ќе се дискутира за поединечни проекти и нивната успешна реализација.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e