Секое шесто лице во светот страда од неплодност

Секое шесто лице на светот е погодено од неплодност, покажуваат податоците од извештајот на Светската здравствена организација (СЗО).

Исто така, се чини дека односот се разликува во земјите со високи, средни и ниски приходи. Во богатите земјки, 17,8 отсто од возрасните се погодени од неплодност, додека во земјите со низок и среден приход, 16,5 отсто од жителите страдаат од овој проблем.

СЗО повикува на подобар пристап на третманите за неплодност насекаде во светот. Според генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, процентот на луѓе погодени од тој проблем ја покажува потребата да се прошири пристапот до грижа за репродуктивното здравје и да се осигура дека проблемот повеќе нема да биде изоставен од здравствените истражувања и политики.

Неплодноста, според британската Национална здравствена служба, значи дека паровите не можат да зачнат и покрај редовните сексуални односи.

Светската здравствена организација ја дефинира неплодноста како болест на репродуктивниот систем кај мажите и жените, која се карактеризира со неуспех да се постигне бременост по 12 месеци или повеќе од редовен незаштитен однос.
Третманите за недостаток на овулација или хируршки зафати може да им помогнат на жените, додека интраутерина инсеминација (ИУИ) или ин витро оплодувањето (ИВФ) може да им помогне на паровите.

СЗО вели дека во многу земји овие третмани ги плаќаат поединци, а не државните здравствени служби, што многумина ги доведува во финансиски тешкотии.

Според извештајот, луѓето во посиромашните земји трошат поголем дел од својот приход на третмани за плодност во споредба со побогатите луѓе.

„Ова може да доведе до значителна вознемиреност, стигма и финансиски тешкотии, кои ќе влијаат на менталната и психосоцијалната благосостојба“, наведува СЗО.

Превенцијата, дијагнозата и третманот на неплодност остануваат недоволно финансирани и недостапни поради високите трошоци, социјалната стигма и ограничениот пристап, се наведува во извештајот.

СЗО ги донесе заклучоците врз основа на избор и анализа на 133 студии од вкупно околу 12.000 студии ширум светот во периодот 1990-2021 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e