Повеќето Американци доживуваат страсна љубов во просек двапати во животот, додека 14 отсто никогаш немале такво искуство, според истражување спроведено од aмериканскиот Институт „Кинси“. Во испитувањето спроведено во Соединетите Американски Држави, опфатени биле 10.036 слободни лица на возраст од 18 до 99 години, кои биле прашани колку пати биле страсно вљубени во животот, па просекот, според одговорите, е 2,05 пати, според меѓународното научно списание за врски и лични односи „Интерперсона“ (Interpersona: An International Journal on Personal Relationships).
Според резултатите, 28 отсто од испитаниците рекле дека тоа им се случило еднаш, 30 отсто двапати, 17 отсто три пати, додека 11 отсто рекле дека биле страсно вљубени четири или повеќепати.
– Луѓето постојано зборуваат за заљубувањето, но ова е првото истражување коешто прашува: Колку пати навистина се случува тоа во животот? За повеќето луѓе, страсната љубов е искуство што се случува само во мал број случаи, вели научникот од Институтот „Кинси“, и одговорна за истражувањето, Аманда Геселман.
Истражувачите ја дефинирале страсната љубов преку два клучни аспекти – зголемена физиолошка возбуда, како „пеперутки во стомакот“, влажни дланки и забрзан пулс, како и силна психолошка потреба да се биде близу до саканата личност. Искуствата со страсна љубов биле слични кај испитаниците хетеросексуалци, хомосексуалци и бисексуалци. Податоците на Институтот, собрани во соработка со платформата за запознавање „Меч“ (Match), исто така, покажуваат дека 60 отсто од самците во САД се сметаат себеси за многу романтични, додека мнозинството веруваат во љубов на прв поглед и во судбина.
Постарите учесници пројавиле малку поголем број вакви искуства од помладите, што укажува дека страсната љубов може да се случи и подоцна во животот. Во просек, мажите пројавиле малку поголем број искуства од жените, а разликата била поизразена кај хетеросексуалните мажи споредено со хетеросексуалните жени. Сепак, истражувачите истакнуваат дека овие разлики се мали и страсната љубов е вообичаена за човекот воопшто.
Истовремено, 51 отсто од испитаниците веруваат дека чувствуваат поголем притисок да пронајдат љубов, од претходните генерации, а 73 отсто веруваат дека романтичните содржини во медиумите поставуваат нереални очекувања кога станува збор за врските. Авторите проценуваат оти резултатите помагаат подобро да се разберат очекувањата и укажуваат дека, и покрај силното присуство на идејата за голема љубов, страсната љубов останува релативно ретко искуство за повеќето луѓе.
