Саудиските власти дисквалификуваа дури 40 камили од натпреварот за убавина што започна овој месец, затоа што нивните сопственици кои се борат за парична награда од околу 66 милиони долари не играле според правилата. Животните биле исфрлени од натпреварот затоа што биле „средени“ вештачки, односно се покажало дека им било правено ботокс, но и други „поправки“, објави саудиската државна агенција.
Годишниот фестивал на камили обично го организира кралското семејство, а жирито одлучува за победникот врз основа на обликот на главата, вратот, грбот и држењето на животните. Секако, строго се забранети инекции со ботокс, затегнување на лицето и други козметички промени кои треба да ги направат камилите попривлечни.
Изборот за најубава камила трае еден месец и се одржува во пустината североисточно од саудиската престолнина Ријад.
На натпреварот судиите користеле и специјализирана и напредна технологија за откривање неовластено разубавување на животните, а годинава следел шок, откако се открило дека десетици одгледувачи на камили им ги корегирале усните и носот, користеле хормонски терапии за зајакнување на животинските мускули, им вбризгувале ботокс и хијалуронска киселина во главите, па дури и им надувувале делови од телото и користеле сомнителни филери за да им го опуштат лицето.
„Сакаме да престанеме со сите матни постапки и измами кога станува збор за разубавување на камилите. Организаторите ќе наметнат строги казни за сите манипулатори“, соопштија властите.
Фестивалот на камили вклучува и трки со камили и продажба на животни, а е замислен како екстравагантен настан кој треба да ја зачува улогата на камилата во бедуинската традиција. Одгледувањето камили во Саудиска Арабија е профитабилна индустрија од повеќе милиони долари.