Зоолошката градина во Варшава најавила дека ќе почне на своите слонови да им дава медицинска марихуана како дел од пилот-проектот, кој ќе тестира како марихуаната влијае на намалување на нивниот стрес.
Медицинскиот канабис се користи ширум светот за лекување на кучиња и коњи, но ова ‘веројатно е прва иницијатива од ваков вид за слонови’, рекла ветеринарката од зоолошката градина на Варшава, Агњешка Чујковска.
Три африкански слонови ќе добијат дози на течност со висока концентрација релаксирачки канабидоиден CBD преку нивните сурли.
Ветеринарката рекла дека CBD не предизвикува еуфорија или штетни последици на црниот дроб и бубрезите.
„Ова е начин да се најде природна алтернатива на постојните методи за борба против стресот“, рекла Чујковска за „AFP“.
Како што рекла, проектот доаѓа во вистинско време за тестирање, бидејќи стадото страда поради неодамнешната смрт на алфа женка.
Зоолошката градина ќе ја следи состојбата на животните преку нивото на хормоните и ќе го набљудува нивното однесување. Чујковска навела дека се потребни околу 2 години за нејзиниот тим да донесе некои заклучоци. Доколку биде успешна, иницијативата би можела да биде спроведена и на други животни во заробеништво.
Количините на дозите кои треба да ги примаат, може да се споредат со оние кои им се даваат на коњи.