Сцената како млада невеста чекори кон олтарот со вел преку лицето е сцена која е честа на многу венчавки. Иако сето тоа делува бајковито, потеклото на овој обичај е далеку од романтичен.
Обичајот девојката на денот на својата венчавка да го покрие лицето со вел е векови постар од обичајот на носење венчаница. И всушност најголем дел од историјата, велот воопшто не бил ниту бел ниту провиден.
Повеќето ентолози и антрополози се согласни дека невестинскиот вел датира од античките времиња кога девојките на тој начин го криеле лицето за да се заштитат од зли духови, пишува порталот „Listverse“.
Гркинките и Римјанките во минатото носеле црвени и жолти велови кои го симболизирале огнот, за да ги уплашат и избркаат злите духови и демоните. Римјанките во еден период во историјата дури биле целосно прекриени со црвен вел во текот на целата венчавка.
Постоела уште една, многу морничава причина за носење на невестински вел. Имено, тој бил изработен по мерка, точно според висината за идната невеста и по венчавката бил внимателно чуван за кога ќе дојде време, да биде искористен како погребен покров откако ќе почине жената.
Во Европа, договорените бракови биле нормални, а има и такви кои тврдат дека невестите носеле вел за да спречат идниот сопруг да им го види лицето сè до крајот на церемонијата. Теоретски, ако не им се допадне она што ќе го видат штом невестата го тргне велот, веќе би било доцна за предомислување.
Овој обичај се практикува и денес во еврејската традиција во која невестата носи вел за да докаже дека младоженецот не ја жени само поради нејзиниот физички изглед туку и поради духовните вредности.