Овој пар судбоносното ‘Да’ го изговорил на необичен начин. Секој физички се наоѓал во својата држава, придржувајќи се до мерките за спречување на ширење на коронавирусот.
Невестата од Норвешка и младоженецот од Шведска своите завети ги размениле пред неколку дена на церемонија одржана на самата граница помеѓу овие две земји, одвоени само со бела лента.
Со оглед на тоа дека Шведска имала поопуштен пристап во борбата со коронавирусот во однос на останатите држави, соседните земји како Норвешка не ја ставиле на списокот на земји во кои смее да се патува.
Затоа, парот одлучил да ги размени заветите во шума во југоисточниот норвешки регион Холебек, на самата граница со Шведска.
Парот за „BBC“ рекол дека повеќе не можел да ја чека одлуката за укинување на ограничувањата, а интересно е и тоа дека невестата, Камила Оијорд, идејата за ваква венчавка ја изнела на шега. Како што вели, пријателите и семејството замислата ја прифатиле со воодушевување.
„Не сакавме да го менуваме закажаниот датум, сакавме да се венчаме“, рекол парот.
Младоженецот Александер Клерн на новинарите им рекол дека тој и неговата избраничка не очекувале дека било кој од нивните пријатели ќе присуствува на свеченоста, со оглед на тоа дека патот до избраното место води по долг шумски пат. На крајот двајцата биле воодушевени од бројот на гости на ‘шумската церемонија’.
Меѓу непоканетите гости биле и двајца полицајци. Тие се грижеле за тоа никој да не ја премине границата.
„Полицајците љубезно нè прашаа дали може и тие да присуствуваат на церемонијата. Секако дека се согласивме“, изјавиле младенците.