Коста Петров: Јас сум и ќе останам истиот Коста

За некои можеби беше изненадување одлуката на Коста Петров да заплови во политичките води, за некои не, но едно е сигурно – тој тоа го прави од љубов кон земјата и верува дека може да придонесе за поубава иднина на сите нас.

Зошто му беше предизвик на млад, почитуван, успешен, реализиран човек како тебе да се впушти во политички води?

– Шарл де Гол кажал дека политиката е пресериозна работа за да се остави само на политичари. Како секој граѓанин на Македонија, сакам да живеам во земја во која владее правото, земја во која сите имаат еднакви можности и земја во која главна тема ќе бидат успесите на нашите сограѓани а не политичките афери и скандалите. Знам дека овој мој чекор можеби е изненадување за многумина но едноставно веќе не можев да седам на страна и да гледам што се случува. Си ја сакам мојата земја, верувам во моите сограѓани и сигурен сум дека со заеднички сили ќе изградиме и ќе живееме во општество кое ќе биде синоним за успех.

Која е првата промена која би ја направил во СДСМ, што ти смета?

– Мојата цел преку мојот ангажман е СДСМ да биде партија на сите граѓани и граѓанки. Партија во која се слуша гласот на народот, партија во која се почитуваат европските вредности но најважно од се, партија во која луѓето имаат доверба. Сакам да видам и повеќе жени, но и млади успешни луѓе во нашиот политички свет. Имаме прекрасни млади, успешни луѓе. Да им дадеме шанса да покажат што можат! Почнува нова епоха во македонската политика и сигурен сум дека мојата генерација и генерациите што доаѓаат конечно ќе ја променат сликата за политичарите во Македонија.

Ќе продолжиш ли да пишуваш?

– Се разбира дека ќе продолжам. Како што кажав, ова за мене е само уште еден професионален ангажман, исто како стотиците други ангажмани што сум ги имал низ светов. Разликата овој пат е тоа што овој пат ова го правам од најголема љубов кон мојата земја! Кај мене ништо не се промени. Јас сум и ќе останам истиот Коста.

Целото интервју прочитајте го на Точка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e