Еден Италијанец кој по мозочен удар проговорил со словенски акцент, иако никогаш не престојувал во држава од словенско говорно подрачје, е првиот таков случај документиран во Италија, пренесуваат италијанските медиуми.
Италијанецот закрепнал откако пред 3 години доживеал мозочен удар во десната хемисфера од мозокот и како што наведува порталот “Today.It”, нема когнитивен дефицит, но говори со странски акцент.
Тоа е прв случај во Италија, а е трет во светот кој се однесува на мозочен удар во десната хемисфера од мозокот.
Студијата за случајот на 50-годишниот Италијанец кој по мозочниот удар проговорил на странски акцент е објавена во магазинот “Кортекс”, а тимот научници бил предводен од Константинос Прифтис од универзитетот во Падова.
Како што е наведено, анализата покажала дека “повредата на мозокот предизвикала промена на местата и начинот на артикулација на некои самогласки кај пациентот, што довело до перцепција на странски акцент”.
Во научната литература се опишани 115 случаи на “синдром на странски акцент”, а од 1800 година до денес, само 3 пациенти доживеале мозочен удар во десната хемисфера од мозокот и го развиле тој синдром.