Французин тргна пеш на пат околу светот

Откако доживеал несреќа во 2020 година, поради што неколку месеци бил во болница, 26-годишниот Французин Солал Хон одлучи да го исполни долгогодишниот сон и да го обиколи светот. Тој тргна во јуни оваа година, а сега престојува на планината Прењ во Босна и Херцеговина.

„Минатата година паднав од балкон, висок шест метри, поради што минав неколку месеци во болница. Тогаш решив да го исполнам мојот долгогодишен сон – да го обиколам светот пеш. Пораснав со планинарењето со семејството, така што овој потфат не ме плаши. Најголемиот предизвик е да преживеете со 250 евра месечно“, вели Хон.

Тој собрал пари за патувањето додека работел во Франција и очекува неговото патување низ светот да трае најмалку 6 – 7 години. Ноќите обично ги минува во својот шатор или во напуштените куќи и засолништа на патот. Покрај тоа, редовно користи и тн. „Каучсурфинг“ (Couchsurfing) – платформа за услуги и бесплатно сместување ширум целиот свет.
Минал по три недели во Словенија и во Хрватска, а во БиХ е веќе 15 дена. Придружуван е од Германец што го сретнал на патот. Сепак, тој нема да помине низ Македонија.

„Патот продолжува во Црна Гора, а потоа во Албанија, Бугарија, Турција, Грузија, Ерменија, Иран, Пакистан, Индија, САД… Понесов и квалитетна зимска опрема со себе. Внимателно ги планирам сите ситници од патешествиево. Верувам дека ќе успеам!, нагласува Солал.

За Босанците вели дека се одлични домаќини. Имам во Јабланица му дозволил три ноќи да преспие во џамија, и му обезбедил лаптоп за да пишува на својот блог.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e