Деветгодишното девојче со аутизам Адхара Перез, има коефициент на интелигенција 162, односно повисок „IQ“ од Алберт Ајнштајн и Стивен Хокинг (160).
Иако страда од Аспергеров синдром и аутизам, тaa студира на два универзитета и сонува да стане астронаут.
На тригодишна возраст малата Перез од Мексико веќе знаела алгебра и била примена во Центарот за грижа за таленти во Мексико, каде завршила средно училиште на осумгодишна возраст. Иако е натпросечно интелигентна, децата во одделението не биле премногу дружеубиви со неа поради здравствените потешкотии што ги има и го трпела нивното малтретирање две години.
Нејзините соученици ја нарекувале „чудна“, а наставниците мислеле дека таа нема некоја иднина во однос на образованието. Налели Санчез, нејзината мајка, не ја сфатила ситуацијата и не сакала нејзината ќерка да страда.
– Видов како Адхара игра во нејзината мала куќичка и ја заклучија. Почнаа да извикуваат: чудаку! Потоа почнаа да удираат по куќата. Па си реков дека не го сакам тоа за неа, не сакам да страда. Ми рече дека не сака повеќе да оди на училиште и падна во депресија – објаснила Налели.
Дополнително, наставникот на Адхара рекол дека таа спие на час и не покажува никаков интерес. Сепак, Налели знаела дека нејзината ќерка има големо знаење по алгебра, па решила да ја однесе на терапија, а тогаш психијатарот предложил да одат во Центар за таленти. Таму потврдиле дека Адхара има извонреден коефициент на интелигенција, па понудиле да оди на часови каде што ги подучуваат децата според нивните способности, но пристапот до ваков вид образование ѝ бил ограничен поради финансиските проблеми.
Според „Форбс“ девојчето е една од највлијателните жени во ацтешките земји, сонува да биде астронаут, но поради годините не успеала да се запише на Националниот универзитет во Мексико.
Во моментов, Адхара студира преку Интернет и тоа на два универзитета: индустриски инженеринг, со специјализација по математика и инженерство на системи. Развива паметна нараквица што ги следи емоциите на децата со пречки во развојот и може да предвиди и спречи разни напади што се јавуваат поради болест.
Таа исто напишала и книга со наслов „Не се откажувај“, посебно посветена на деца со проблеми како нејзините. Нејзиниот сон е да студира на Универзитетот во Аризона, а за да ја освари оваа цел таа учи и англиски јазик како подготовка. Желбата ѝ е таму да студира астрофизика и еден ден да стане астронаут.