Францускиот музеј Лувр е не само место на кое се наоѓаат некои од најпознатите слики на сите времиња, како Мона Лиза, туку е и најпосетениот музеј на светот.
Бројот на посетители, секако, се променил во претходните 365 дена поради на сите добропознатата ситуација со светот, но добрата вест е што отсега овој музеј ќе може виртуелно да се посети. Иако не е исто да се видат онлајн и во живо сите тие уметнички дела, сепак претставува потег за пофалба кој ќе ги заинтересира сите љубители на уметноста ширум светот.
За што всушност станува збор?
За првпат, целокупната колекција на Лувр е достапна по пат на интернет, а тоа вклучува и дела кои се изложени во музејот, дела кои се наоѓаат во складишта, па дури и оние кои се позајмени на други музеи. Повеќе од 482.000 дела можат да се видат бесплатно и постојат разни начини на кои може да се истражува оваа колекција.
Можете да побарате некое конкретно дело или уметник, да пронајдете албуми кои опфаќаат тематски целини или да го истражувате музејот просторија по просторија со помош на интерактивни мапи кои редовно се ажурираат.
Освен сајтот на кој се наоѓа оваа колекција, и самиот музеј доби нов сајт, поделен на 3 дела кој засега е достапен на француски, англиски, шпански и кинески јазик. Сите промени во колекцијата ќе бидат ажурирани и виртуелно, а творците на сајтот ветуваат и нова дигитална содржина која ќе биде забавна за сите посетители.