Жена што намерно кашлала врз храна во еден супермаркет во американската сојузна држава Пенсилванија ќе се соочи со кривична пријава, пренесуваат странските медиуми.
Нејзиниот идентитет сѐ уште не е објавен, а она што е познато е дека влегла во една од синџирот-продавници „Герити“ и почнала да кашла над пекарските производи, месото и преостанатите прехранбени намирници, открил на Фејсбук еден од сопствениците на синџирот, Џо Фасула.
Вработените морале да ја повлечат сета роба од рафтовите и да спроведат темелна дезинфекција, а се проценува дека штетата е околу 35.000 долари.
Персоналот ја извел жената од продавницата, а полицијата неколку часа подоцна ја пронашла и ја притворила, пренесува Си-ен-ен.
Не се знае дали жената е носител на вирусот КОВИД-19 и се очекува набрзо да биде тестирана.
Инаку, американското министерство за правда деновиве соопшти дека луѓето кои намерно го шират коронавирусот би можело да се соочат со обвинение за тероризам.
Извор: New York Post