Во Словенија во последните 24 часа се потврдени рекордни 3.450 нови зарази со коронавирусот, објави Словенечката телевизија, а резултатите ги потврди и Инстутот за јавно здравје од направени 7.722 тестирарања.
Најмногу потврдени зарази во еден ден од почетокот на епидемијата досега беа забележани на 5-ти јануари годинава, кога беа потврдени 3.428 инфицирани пациенти. И покрај големиот број новозразени и хоспитализирани, словенечката влада засега нема да се реши за „целосно затворање“ во траењето од десет дена, што како едно од решенијата за ограничување на епидемијата го предлагаа епидемиолозите, пренесуваат словенечките медиуми.
Конечната одлука за тоа владата ќе ја донесе на седницата утре но наместо „локдаун“ поверојатно е дека ќе се решава за други помалку ригорозни мерки, како построга контрола на ковид-пропусниците, скусување на работата на угостителските локали, работата од дома за јавниот сектор, ограничувањето на собирањата и слични рестрикции, објави Словенечката телевизија.
Директорот на Институтот за јавно здравје (NIJZ), Милан Крек, изјави дека епидемиолошката ситуација во земјата е тешка, како и дека според прогнозата врвот на сегашниот бран се очекува кон средината на ноември, по што, доколку не дојде до некое ново жариште, би можело да почена спуштањето на бројките на новозаразените.
Во болниците моментално има 670 пациенти од кои 159 се на одделите за интензивна нега, додека бројот на вакцинираните против коронавирусот е на ниво од 53,1 отсто од целата популација.