Момчето Рајан од Мароко, кое во вторникот падна во бунар длабок 32 метри, а спасувачите со денови се обидуваа да го извлечат, починало пред да биде извлечено вчера, пишува „Гардијан“.
Информацијата ја потврдиле две официјални лица.
Во бунарот беше спроведена и камера, а на момчето му беше доставена вода и храна. Рајан беше извлечен околу 21 часот и 30 минути по средноевропско време и со возило на Итната помош префлен во болница, но лекарите не успеале да го реанимираат.
Целата светска јавност четири дена ги очекуваше вестите за спасувачката операција, во која беа вклучени багери и дупчалки, кои ископаа паралелни вертикални јами, за спасувачите да можат да стигнат до Рајан, без опасност од одрони.
Кралот на Мароко, Мухамед Шести, во соопштение издадено од Палатата, им изрази сочувство на членовите на семејството на момчето.