Пет лица загинаа во трагедија што се случи вчера околу 17 часот на семејна фарма за свињи во Топола, а едно е префрлено во Општата болница во Аранѓеловац, изјавија за FoNet од Полициската управа Крагуевац, објави N1 Србија.
Полициската управа не можеше да даде повеќе детали бидејќи истрагата е сè уште во тек, а покрај истражниот судија и обвинителот, на местото на несреќата се наоѓаат и припадници на Министерството за внатрешни работи, Одделот за итни случаи на Здравствениот центар Топола и противпожарната и спасувачка бригада.
Официјално соопштение со повеќе информации за причините за несреќата ќе следи подоцна вечерва или утре.
Според неофицијални информации од извор во Општина Топола, несреќата се случила на фарма за свињи на периферијата на Топола и во неа загинале дедо, син и внук од тоа семејство, како и сосед кој дошол да помогне. Петтата жртва, жена, почина синоќа во болница. Во прашање е сопругата на починатиот дедо, бабата на починатото момче, која била примена во болница во многу лоша состојба, пренесува Nova.rs.
Меѓу загинатите е дваесетгодишен млад маж, студент на Економскиот факултет во Крагуевац.
Српските медиуми пишуваат дека починатите, според локалните жители, биле почитувани во заедницата.
Извор на FoNet изјавил дека жртвите биле „покосени“ од амонијак од јамата и дека најверојатно некој паднал во јамата, а потоа сите што се обиделе да помогнат починале. Концентрацијата на амонијак веројатно била толку висока што секој што се наведнал над јамата веднаш се онесвестил и паднал во неа.
На местото на несреќата први пристигнале пожарникари и екипи за итни случаи. Лекарите успеале да ја реанимираат жената која била испратена во болницата во Аранѓеловац на лекување, но подоцна починала во болнца. За време на изнесувањето на телата на жртвите, двајца пожарникари на кои им била укажана помош во здравствениот центар во Топола имале лесно труење.