Демократите ја презедоа контролата врз Претставничкиот дом по изборите за американскиот Конгрес, кои беа сфатени како своевиден референдум за досегашното владеење на претседателот Доналд Трамп.
Тие ќе имаат мнозинство во понискиот дом на Конгресот за првпат по осум години, што ќе им овозможи да ја попречуваат политиката на Трамп, но затоа се очекува републиканците да ја зацврстат својата позиција во Сенатот.
На првите избори по доаѓањето на Трамп во Белата куќа пред две години, Демократите ќе ги освојат потребните 23 места за да ја преземат контролата во Претставничкиот дом, со што ќе можат да почнат истраги за сите спорни прашања во администрацијата на Трамп и поефективно да ги блокираат нејзините предлог-закони, што првенствено се однесува на изградбата на ѕид долж мексиканската граница. Се проценува дека демократите ќе имаат 229, а републиканците 206 места во Домот, но конечните резултати допрва треба да се објават.
Од другите резултати поинтересни се тие дека републиканците успеале да ја задржат контролата врз Сенатот, во Колорадо гувернер ќе биде демократ Џаред Полис, кој јавно изјавува дека е геј, така што тој е првиот американски гувернер геј. Рашида Тлаиб и Илхан Омар ќе бидат првите муслиманки во Конгресот – Рашид Тлаиб е демократка од Мичиген, а Илхан Омар од Минесота.