Би-Би-Си: ЕУ може да спроведе дипломатска изолација на земја членка

ЕУ може да спроведе „дипломатска изолација„ на една земја членка на Унијата, но досега немало случај некој да биде исклучен, пишува Би-Би-Си.

Британскиот медиум објаснува дека ЕУ може да го одбие барањето на една држава за прием или да го одлага влегувањето на друга во Унијата, но Брисел нема механизам, според кој држава членка може да биде исклучена од ЕУ.

Во 2000 година, кога во Австрија на власт дојде крајно-десничарската Слободарска партија, тогашните 15 земји членки, вклучувајќи ја и Велика Британија, целосно ги замрзнаа билатералните односи со австриската влада и со оваа земја членка на ЕУ.

Повеќе од една година, Австрија ја издржуваше колективната казна од другите земји-членки.

Прашањето за казнувањето, доаѓа непосредно по изјавата на луксембуршкиот министер за надворешни работи Жан Аселборн, за тоа дека Унгарија треба да биде „суспендирана, или дури и исклучена од ЕУ“ затоа што владата во Будимпешта „врши насилство“ врз темелните вредности на Унијата.

Според Аселборн, ваквата казна би требало да се примени поради унгарскиот однос кон бегалците, како и поради насилството врз судството и слободата на медиумите.

– Не е далеку Унгарија да нареди да се пука врз бегалците на нејзината граница, изјави Аселборн, објаснувајќи дека казнувањето на Будимпешта претставува една од можностите да се сочува кохезијата во ЕУ и нејзините вредности.

В петок во Словачка се одржува Самит на ЕУ на кој главната тема е иднината на Унијата, а во Лондон се верува дека изјавата на шефот на дипломатијата на Луксембург може да ја „вжешти“ атмосферата.

На 2 октомври, во Унгарија ќе се организира референдум на кој владата на премиерот Виктор Орбан бара да се потврди владиното спротивставување на квотите за прием на бегалци, што ги определи Европската комисија, за секоја земја-членка.

Брисел сугерираше да не се организира референдумот, но Орбан неодамна објасни дека иако тој има мандат да носи одлуки кои се во „интерес на земјата и народот“, како што е одбивањето на Унгарија да прима бегалци, затоа што ќе се „нарушела кохезијата на унгарското општество“, референдум ќе имало за да му се покажело на Брисел дека така мисли целиот народ.

Унгарија е членка на ЕУ од мај 2004 година, заедно со уште осум други држави од поранешна комунистичка, источна Европа, како и Малта и Кипар.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e