Социјалните мрежи се преполнија со фотографии и текстои за Милена Дравиќ – на големо се пишува за нејзините лик, дело, талент, за тоа колкава дама била, колку достоинствено живеела, за тоа дека била голема ѕвезда, но многу скромна и прекрасна личност, како и за голема љубов со нејзиниот трет сопруг Драган Николиќ. Актерот почина на 11 март 2016 година, а сега по смртта на Милена Дравиќ, многумина пишуваат потресни пораки порачувајќи да почива во мир „конечно се нејзиниот Гага“.
На социјалните мрежи може да се прочита и за една случка од нивниот живот, кога конечно собрале пари да го сменат стариот автомобил, но сепак одлучиле парите да ги донираат за сиромашен татко со болно дете.
Сочувство изразија и политичарите
Српскиот претседател Драган Вучиќ упатил телеграма со сочувство до Здружението на драмски уметници на Србија и до Здружението на филмски глумци.
„Останавме без нашата Милена Дравиќ, великанка на југословенската и српска уметност. Милена ја одбележа втората половина на 20-от век во театарот, на филмот и на телевизија. Нека и е вечна славата и и благодарам, бидејќи нашетот општество го направи подобро, а културата ја збогати“, порача Вучиќ.
Се јавија и премиерката Ана Брнабиќ, претседателката на српската Скупштина Маја Гојковиќ и министерот за култура и информирање Владан Вукосављавиќ. Премиерката Брнабиќ порача:
„Со својот раскошен актерски талент и со фантастичните филмски, театарски и телевизиски улоги, Милена Дравиќ остави неизбришлива трага во нашата култура. Секогаш достоинствена и единствена, пленеше со својот неверојатен талент и шарм. Ќе остане запамтена како една од најголемите ѕвезди на домашното глумиште, но и како голема дама и голем човек“, пишува Брнабиќ.
Претседателката на српската Скупштина Маја Гојковиќ исто така пишува дека Дравиќ оставила трага во кинематографијата, којашто никогаш нема да се избрише.
„Со голема тага ја примив веста за смртта на легендата на нашето глумиште. Со својот единствен шарм и талент, Милена засекогаш ја одбележа српската и југословенската кинематографија. Беше и ќе остане инспирација за многу генерации млади актери“, вели Гојковиќ.
Министерот за култура Вукосављавиќ пишува дека „нејзината смрт многумина ја доживуваат како вест за починување на некој близок“. Тој додава и дека Милена Дравиќ била другото име за една голема епоха на домашниот филм, актерка со единствен лирски сензибилитет, како за на филм, така и за телевизија и театар.
„Освојуваше со шармот, љубезноста и добрината. Беше ѕвезда, но секогаш беше скромна и непосредна“, вели Вукосављавиќ во телеграмата со сочувство.
Нејзините последни интервјуа ја растажија нацијата
Милена Дравиќ почина вчеравечер на Клиничко-болничкиот центар Бежаниска коса, во својата 79-та година од животот. Таму била на лекување, а последните денови нејзината здравствена состојба била се полоша. Лекарите се обиделе да направат се, но немало спас. Дравиќ со лошото здравје се борела во изминатите две и пол години, откако остана без сопругот Драган Николиќ, исто така великан на филмот од овие простори. По неговата смрт, таа се повлече од јавноста. Во едно од ретките интервјуа, пред околу пет месеци, таа изјави:
„Не можам да се враќам по секоја цена. Се враќам со темпо кое мојот организам и моето здравје го дозволуваат. Ќе видиме, ништо не гарантирам и не ветувам. Јас се изнаработев, дал Бог. Сепак, ете, би сакала уште да придонесам во оваа професија, но за жал не зависи од мене.“
Денес, по нејзината смрт сите пишуваат за тоа дека љубовта меѓу Милена и Драган била една од најубавите што ќе ги слушнете. Во едно друго интервју, Дравиќ за Николиќ, по неговата смрт вели:
„Драган има направено многу. Мислам дека во иднина допрва ќе се види колку е тоа вредно. Тој е одличен актер, актер на големите трансформации. Но, Драган беше исклучително скромен. Сега кога сè се акумулирало на едно место, се гледа неговото огромно дело – филмската работа, театарската и телевизиската. Драган изгради големи улоги, и мислам дека идното време е во прилог на неговата работа.“
Импресивната биографија на Милена Дравиќ
Милена Дравиќ е родена на 5 октомври 1940 година во Белград, на Дорчол, спроти црквата Св. Александар Невски. Завршила во основното училиште „Јанко Веселиновиќ“ на Душанова улица, а потоа се запишала во машка гимназија. Нејзиниот татко Миленко играл фудбал, но морал да се повлече кога дознал дека боледува од заразна жолтица. Неколку години подоцна, нејзиниот брат Раде стана хокеј играч. Мајка и Ана била телентирана за пеење. И покрај тоа што сонувала тоа да и биде професија, сепак одлучила да биде домаќинка и да присуствуваат постојано со семејството. Милена вели дека нејзините критики и совети отсекогаш биле најважен за неа. Нејзината тетка, кај Милена рано препознала талент за рецитирање и за сценски настапи, па замолила некоја своја пријателка да процени дали е во право. Таа се сложиал со тетката на Милена и на родителите на малото девојче им предложила да ја запишат на балет. Тоа се случило веднаш. Милена се стекнала и со манекенско искуство. Набрзо стигнала и првата филмска понуда.
Дравиќ во филмот се појавила случајно. Во 1959 година за прв пат го напуштила Белград и отишла кај тетка си во Сараево. Ја забележал словенечкиот режисер Фратишек Чап и и дал улога во неговиот филм. Оттогаш, за идната филмска дива се отвориле вратите. Снимала цело лето, а продуцентот била филмската куќа „Босна филм“. Милена по некое време се запишала на Факултетот за драмски уметности и почнала да работи на филмот „Прекубројна“ во режија на Бранко Бауер. Играла девојка од село која со своето момче тргнува на работна акција. И покрај тоа што била многу мотивирана кога се запишала на факултет, Милена тогаш сметала дека нејзиното преживување во филмот е неизвесно. Сепак, добивањето на наградата Златна арена на Филмскиот фестивал во Пула, ја натерало да сфати дека пред неа е голема кариера.
Следува воениот филм „Козара“, како и политичкиот филм „Човекот не е птица“ со Ева Рас – добитник на наградата Сребрена арена на фестивалот во Пула. Во 1967 година ја одигра Хасанагиница во успешната екранизација на народната балада. Истата година ја доби наградата Златна роза на Филмскиот фестивал во Венеција за нејзината улога во „Утро“ со Љубиша Самарџиќ.
Прерасна во една од најпознатите српски и југословенски актери. Играше во повеќе од сто филма, меѓу кои: „Утро“, „Козара“, „Битката на Неретва“, „Работа на одредено време“, „Татко на службен пат“, „Секула повторно се жени“, „Не е лесно со мажите“, „Зона Замфирова“… Позната е и по култните серии „Театар во куќа“ и „Луд, збунет, нормален“. Со својот трет сопруг и колега Драган Николиќ од 1972 до 1974 година ја водеше популарната шоу програма „Образ покрај образ“. Милена често играше самохрана мајка, селска жена, жена од работничката класа. Беше пионер и ексцентрична хероина. Голем дел од успехот во кариерата го должи на романтичните комедии во кои таа глуми заедно со Љубиша Самарџиќ.
Милена Дравиќ е добитничка и на најпрестижната српска филмска награда Добричин прстен и Жанка Стокиќ за целокупниот придонес за југословенската и српската кинематографија, како и на наградата Јоаким Вујиќ, наградата Павле Вуишиќ на Филмските средби во Ниш, четири награди на Деновите на комедијата во Јагодина, како и на дури рекордни 10 награди Златна арена на Филмскиот фестивал во Пула. Сето ова е причината зошто важи за можеби најголемата ѕвезда во историјата на српската и југословенската кинематографија.
Последната улога што ја одигра беше Ксенија во популарната серија “Sinđelići”.
Бред Пит пред 30 години ја почнал кариерата како син на Милена Дравиќ
Во еден од многуте филмови во нивните кариери, во далечната 1988 година во Котор, холивудскиот актер Бред Пит глумеше рамо до рамо со легендарната Милена Дравиќ. Станува збор за дебитанстскиот филм на Пит, „Темната страна на сонцето”, во режија на Божо Николиќ. Дравиќ во него ја игра неподвижната мајка на ликот кој го толкува Бред Пит.