Мојот одговор е едноставен: гласам за да обезбедам подобра иднина за мојата земја!
Најпрвин, сметам дека овој глас не смееме да го гледаме како глас за политичка партија, тој е многу повеќе од тоа. Ова е само првиот чекор која мора да го направиме за да стигнеме на целта која сеуште ни е многу далеку. На таа цел кон која се стремиме не чека изградена функционална држава каде има човечко достоинство, се почитуваат човековите права, држава каде има слобода, демократија, еднаквост и почитување на правото.
Оваа колумна ја пишувам од Германија, кадешто работам во моментов, но последниве седум години живеев и во Белгија, Шведска и Словенија. Тука можев да согледам како фукционираат државите чиешто уредување е базирано на претходно споменатите европски вредности, цело време правејќи споредба со нашата земја, трудејќи се да ги идентификувам областите во кои сме различни.
И да, кога ќе стасаме на целта тогаш ќе станеме едно семејство со тие земји, ќе се поврземе посилно со нив и ќе имаме можности подобро да ги запознаеме. Тука, секојдневно сретнувам многу луѓе кои што не знаат каде е нашата земја, затоа што онаа народната: цела да е – секој да ја знае, некако не стасала до нив. Некои се посрамуваат кога сфатат дека не знаат каде сме, кои сме, колку сме, на други па и баш им е гајле за некоја мала земја таму далеку од нив. Некои од прва ќе направат асоцијација со ФИРОМ, некој постар ќе ми раскаже како на времето патувал низ Југославија па му го украле новчаникот во воз, некои арогантен Француин ќе се пошегува – каква е таа држава колку едно предградие во Париз. Со некој Грк, после 2-3 испиени пива ќе дојдеме до заклучок како целиот проблем што го имаме меѓу нас е без никаква смисла. Во принцип, сите тие луѓе ми помогнаа да сфатам дека секогаш е добро да ги погледнеш работите од поинаква перспектива и да го земеш мислењето на другите во градењето на сопствениот став. Сфатив и дека што поотворено му пристапувам на светот и гледам кон иднината, моите видици се прошируваат и сфаќам дека имам уште многу да научим од различните од мене.
Јас ставот за референдумот го базирам на капацитетот за правење компромис и секој треба да си процени дали компромисот е вреден, што е тоа што ќе добиеме и изгубиме. Ова треба да ни биде мислата со која си легнуваме и стануваме секој ден до денот на референдумот, бидејќи одлуката е значајна, одговорноста огромна. Најлошото нешто што може да му се случи во оваа ситуација на еден граѓанин кој си ја сака земјата е да остане без став, да остане незаинтересиран за ваква битна одлука. Секој има право да расудува и постапува по сопствено убедување, но силен став изграден врз аргументи мора да биде приоритет за секого. Седни, одвој време, прочитај, информирај се, слушни ги аргументите на трите страни (за, против, бојкот) и одлучи. Запрашај се, колку време одвои досега за да го изградиш ставот? Сподели го ставот, дискутирај, сослушај го другиот – понекогаш и другиот е во право.
Компромисот е различен за секој од нас, некој е повеќе нивикнат да прави компромиси некој помалку, но зар не правиме сите компромиси во животот секојдневно? Доколку го прифатиме овој компромис ќе покажеме дека сме доволно зрели како нација и ќе дадеме до знаење на сите дека разумот ни надвладеал над чувствата. За тоа треба многу храброст и визија.
Да земеме било кои две соседни земји во светот, сигурен сум нема да најдеме две земји кои не делат мрачна и испреплетена историја. Но, која е лекцијата која напредните европски земји ја имаат научено од историјата? Зарем не треба да учиме од грешките на другите? Во нашиов случај може да бидеме игнорантни спрема другите и да кажеме дека компромисот не е фер, но ако погледнеме на другата страна ќе видиме дека таму има многу повеќе незадоволни граѓани кои се противат и кои не се спремни да го прифатат овој компромис. Зарем компромисот не е добар кога и двете страни имаат направено доволно отстапки од почетните позиции и истиот создава чувство на нелагодност од двете страни?
Ако бидеме реални, ќе се согласиме дека без правење компромиси, ниту една од напредните нации не би стасала на нивото на коешто е сега. На нас останува да одлучиме, дали сме спремни да го преземеме следниот чекор и да си подадеме рака за помирување со цел подобро да живееме утре. Сигурен сум дека ќе покажеме дека не сме помалку Европјани и знаме што значи граѓанска одговорност. Нашата визија ќе биде ставена на тест.
Поздрав од Берлин,
П.С: песнава помогна да се сруши Берлинскиот ѕид кој креираше многу тажни судбини и преставуваше симбол за поделбата во светот. Се надевам дека може да ни помогне да ја срушиме предрасудата дека други одлучуваат за нас и дека ние самите ништо не можеме да смениме.
Антонио Циевски
Магистер по информациони системи на Лунд Унивезитетот во Шведска
Стажант во Европска Комисија – генерација 2015