Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Катерина Блажевска за Призма:
-Тој што мисли дека неговото опкружување е само сцена на која тој бесконечно ќе ги дефинира своите „правила“ ставени во погон на насилството, само извесно време може да живее во таква илузија. По извесно време се судира со последиците на својата неодговорност, и на крајот – со казна.
Потврдата за тоа стигна денеска со првостепениот епилог од судскиот процес за „Крвавиот четврток“: 211 години за 16 обвинети. Највисоката казна затвор беше пресудена за Митко Чавков (18 години), најмалата (7 години) за Абдулфета Алими, во јавноста познат како човекот што го спаси Зијадин Села. Единствениот, кој очекувано доби ослободителна пресуда, е Игор Дурловски, но, за жал, досега јавно не покажа дека ги разбрал последиците од тој срамен настан врз ткивото на државата.
И додека пламнува дебатата околу висината на казните за овие 16 лица, како да забораваме дека на 27 април 2017 година бевме на работ да пламне државата, која е татковина на повеќе од два милиона граѓани.
Не можам да оспорам измешани чувства – од една страна потребата да се санкционира тоа насилство, од друга, фактот дека овие луѓе свесно или несвесно учествувале во сценариото на една забегана политичка врхушка. А токму таа врхушка е алката што сѐ уште недостига во оваа приказна, за да имаме чувство дека правдата е навистина задоволена. Мислам, пред сѐ, на тие што се шетаат надвор од земјата.
Вториот аспект е впечатокот дека не е извлечена поука во круговите што го растеа цвеќето на злото. И покрај сето она што јавноста со свои очи можеше во живо да го види на ТВ-екраните, за жал, до денес не престанаа обидите црното да се прикаже како бело: насилството како „патриотизам“, како спонтана реакција на гнев поради „политичкото насилство“ што претходело во парламентот, чин без никаква умисла, туку гест од инстинктивен, одбранбен карактер…
Денешните аплаузи пред судот упатени до обвинетите од мала група поддржувачи, само се вклопуваат во сликата за бавното зреење на општеството, имајќи предвид колку долго било тренирано на тезата дека „таму каде што е моќта, законот нема пристап“.
И навистина, несанкционираниот волунтаризам на вмровската владејачка декада рефлектираше впечаток дека никој ништо не им може. Дека обвинетите за 27 април може да се правдаат со „народен“ гнев што се создал без ничија политичка или институционална навигација, туку како основен инстинкт за одбрана на државата. Одбрана, од кого и од што? Од самите себе?
Колумната на Катерина Блажевска во целост прочитајте ја ТУКА.