Поранешниот заменик министер за надворешни работи Андреј Жерновски му пораша на шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски дека проблемот на транспортерите не се решава со телефонски повик до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„ЕУ на звучник, Македонија на чекање
Кога една власт ќе почне јавно да се фали со телефонски разговори, тоа не е дипломатски успех – тоа е доказ за изолација.
За министерот Муцунски огромен успех претставува телефонски разговор со еврокомесарката Кос, што јасно ја покажува реалната состојба на македонската надворешна политика денес: вратите во Брисел се затворени, а состаноците се заменети со телефонски повици.
Во нормални околности, вакви крајно сериозни теми како кризата со професионалните превозници, блокадите, дозволите и економските штети, се решаваат на маса – очи в очи, со конкретни договори. Вака, реалните# проблеми остануваат нерешени, а секој ден што минува без навремена реакција создава сериозни економски и егзистенцијални последици.
Зошто не се занимаваа со овој проблем на време? Зошто не ги обезбедија превозниците со поддршка и конкретни мерки? Наместо тоа, сега се фалат со разговори што ниту резултираат, ниту им обезбедуваат сигурност на оние кои ја движат економијата.
Иронијата да биде цлосна, еврокомесарката за проширување барем одговорила на телефонскиот повик на Муцунски, што не е и случај со Мицкоски, кој самиот јавно призна дека не може да ја добие по телефон претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Значи, ни во телефонската дипломатија работите не одат според планот“, реагираше Жерновски.
