На секој притвореник или осуденик безбедноста мора да му биде целосно гарантирана. Дури под претпоставка дека лицата С.Р. и М.Ј. вчера ги започнале вербалните инциденти, како што тврдат затворските власти, прашањето е – има ли позорникари, чувари, како и да се нарекуваат, кои по описот на работните обврски мора да го надгледуваат однесувањето на притворените и за време на дневната прошетка?

Ако некој почне вербална расправија, нивна работа е веднаш да ја запрат, спречувајќи натамошна ескалација. Фактот дека и во двата случаи вербалното препукување брзо прераснало и во физичка пресметка, зборува дека во моментот потфрлила затворската контрола. Или, можеби била дел од некој поголем режисерски зафат. Тоа треба да го утврдат надлежните.

Но, факт е дека се доволни неколку секунди невнимание, за да го свртите кон себе целото внимание. Тоа му се случи на Истражниот затвор, а чаурите од јавната критика завршија на адреса на Владата и во ткивото на ранетата општествена доверба.

Без разлика дали инцидентите биле резултат на нечија умисла или се случиле како последица на пропуст на вработените во затворот, сега ефектот е ист. Плодовите ги собира Никола Груевски и триумфалистички ја става последната лего коцка врз неговата теорија за сигурен азил: Гледате ли зошто заминав, затоа што истото ме чекаше и мене!

Длабоко се лаже СДСМ кога вели дека „е спречено сценариото на Груевски и Мицкоски“. Не само што не е спречено, туку му е дадена армирана подлога и од страна на „команданти“ кои галопираат по Фејсбук славејќи ги „другарите и братучедите што ги избоксирале Миле и Спире“.

Се прашува ли некој од каде им доаѓа поттикот за таков триумфализам, или да глумиме дека не разбираме, дека не ги гледаме внатрешните саботажи на Владата, бидејќи не е тешко да се намириса од каде доаѓаат?

Тоа што премиерот Заев побарал оставка од директорот на Истражниот затвор е правилна, но, генерално, задоцнета одлука. Неговата премиерска филозофија да им дава сѐ повеќе шанси на функционерите за да се коригираат, но без дефинирани временски лимити за тоа, создадоа впечаток дека Заев тешко се решава на разрешувања и дека му е полесно тој да ги прими сите удари од јавноста, отколку темелно да ги прочисти ешалоните од неодговорните.

Токму по тоа прашање Заев се движеше од еден до друг екстрем. Првичното ветување дека секој случај на раководна неодговорност ќе заврши со „дајте друго дете“, на крајот го сведе на дилемата: „Ако тргнеме така да разрешуваме, каде ќе најдеме нови луѓе?“

Последново создаде огромно чувство на комоција кај голем број именувани функционери од највисоките до најниски ешалони, дека се незаменливи. Дел од нив интензивно го нагризуваат рејтингот на Владата на разни внатрешни прашања, со што го топат и огромниот капитал стекнат на надворешно политички план.

Сѐ додека Заев нив ги толерира, ни Груевски ни Мицкоски не мора да имаат никакво сценарио. Власта им го подарува сама. Тоа е тотално автодеструктивна политика – да негуваш функционерско братство што ти ја уништува партијата, но, пред сѐ, што ѝ штети на државата и ја урива довербата на граѓаните.

Koлумната на Катерина Блажевска во целост прочитајте ја ТУКА.