Војната не е натпревар за да се навива. Војната е проклета чума, бездушно и гладно зло што голта невини луѓе, распарчува животи, уништува судбини, остава трајни лузни.
Никому ништо полезно не носи, носи само црнила, тага и плач.
Во вакви трагични моменти да навивате, да се смеете, да ракоплескате и да се радувате е апатично и нечовечки, срамно и бесчувствително кон жртвите и уплашениот украински народ. Немој да бидете монструми!
Ставете се за миг во нивните кондури и замислете си, пред неколку дена некој се радувал на родено дете, славел роденден, нова работа, купил книга и патики, победил во фудбал, се заљубил, пиел кафе со колегите и другарите, планирал одмор со фамилијата, уживал во омиленото јадење кај родителите, изгледал филм со децата, добил петка во школо, десетка на факултет, се смеел, се гушкал, несвесно го славел скромниот и мирен живот… и сето тоа наеднаш го снемува.
Денес истите тие луѓе сега се кријат по подруми, се плашат за својот живот, за животот на своите најмили, не знаат дали ќе бидат живи во следниот час, камоли ден. Мајките испраќаат синови, жените сопрузи, децата татковци во војна каде не знаат дали ќе се вратат. Тие што до вчера биле правници, економисти, механичари, продавачи на тезга, студенти, спортисти, екологисти, денес се војници со веќе врежани длабоки белези на нови неизлечливи рани.
Од сончеви денови, со секојдневни радости и мали грижи за подобар живот за само еден ден се на бојното поле, во скривници и подруми, во прашина, пајажини и кал, оставени на милост и немилост, со изгубени денови, избледени спомени и силни стравови. Од извици на среќа, до вресоци и плач. Војната изобличува и менува луѓе за само еден час, војната е сечиј непријател, повраќаница на човековата злоба, оган што гори невиност, надеж и утеха.
Војната е најголем непријател на човештвото!
Да, можеби сè ова ви звучи патетично и веќе некаде прочитано, но патетиката не може да ве обезличи и обезвредни како што тоа може да го направи апатијата, злобата и војната.
Се надевам и се молам ова лудило што побрзо да заврши затоа што не постои ниедно оправдување за постигнување на ниедна политичка и билокаква цел ако цената за тоа е човечкиот живот!
ФБ статус на Влатко Васиљ